• понеделник, 01 јули 2024

Меџити ќе одржи прес-конференција за случајот со Клиниката за онкологија

Меџити ќе одржи прес-конференција за случајот со Клиниката за онкологија

Скопје, 4 септември 2023 (МИА) - Во врска со случувањата на ЈЗУ УК за онкологија и радиотерапија, министерот за здравство Фатмир Меџити денеска во 13 часот ќе одржи прес-конференција, соопштија утрово од Министерството.

Во петокот беа извршени претреси на Клиниката, како и во приватни станови, како дел од акција на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството.

Како што информираа од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови, поврзани со работата на Клиниката.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе бидат санкционирани сите оние, кои го прекршиле законот, но, не смее да се напаѓаат сите здравствени работници.

- Се работи за наводи што се грозни и што не смеат да се случуваат, а за наводи што сме слушале во текот на изминатите 20 години. Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население, подвлече премиерот.

Задачата на МВР и на Обвинителството, како што рече, е обезбедување докази врз основа на што ќе бидат идентификувани сторителите.

- Од страна на претседателот на Владата и од Владата, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Бидејќи, се работи за навистина грозни наводи што се предмет на истрагата на МВР и на Обвинителството. Исто така гледам по медиумите, посебно социјалните медиуми, дека се сака да се креира слика за вмешаност на само одредени лица, зависно од нивната припадност. Она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, дециден беше Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски повика на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност, како и на соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. Воедно, тој истакна дека потполно го разбира гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести.

Пендаровски нагласи дека фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Претседателот на државата посочи дека наместо на тие лица, соочени со најтешката дијагноза, да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент.

Според него, крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите.

Во Скопје најавен е протест поради случајот со Клиниката за онкологија. Како што е соопштено од организаторите, протестот ќе почне од 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство. бд/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан