• недела, 24 ноември 2024

Петровска: Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија

Петровска: Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија

Скопје, 30 јуни 2024 (МИА) - Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска која на ден пред вонредните внатрепартиски избори ја повелече кандидатурата за претседател на СДСМ, преку соопштение вечерва оцени дека денешните избори биле спротивни на статусот и на принципите на социјалдемократијата, а новиот претседател е избран со 11 отсто од вкупниот број на членови на партијата.

-Во моето писмо со кое ја повлеков кандидатурата образложив дека денешниот ден ќе биде спротивно и на статутот и на принципите на социјалдемократијата, и така бидна се случи фијаско. Новиот претседател е избран со 11% од вкупниот број на членови на СДСМ, од 83.000 членови, ЗА гласале само 9.000. И со ова само се продолжува агонијата во која СДСМ почна да тоне од 2020та година наваму, стои во реакцијата на Петровска. 

Според неа, денеска на многу членови на СДСМ не им било овозможено да гласаат затоа што ги немало на избирачкиот список, иако уредно се регистирале.

-Денес, 11.000 членови одбија да гласаат затоа што се спротиставија на начинот на кој беше водена кампањата, на фаворизирањето, на несанкционирањето на злоупотребата на лични податоци, на притисоците да се поддржи фаворитот, затоа што се чувствуваат навредено на избирачкиот список на СДСМ да се најдат со активисти на владејачки партии. Згора на се, Централната изборна комисија заборави дека јас ја повлеков кандидатурата, па ги броеле и тие гласови, многу професионално, зарем не. А и како прогласија претседател, а не ги почекаа приговорите? Еве доказ за диригираниот процес, додава таа. 

Петровска смета дека легитимитет не се добива со 9000 гласа и повторно повикува за формирање на привремено раководство, без багаж и кое ќе има јасен мандат и капацитет да ја обедини партијата, и да ја подготви за следните внатрепартиски и локални избори.

-Денес 11.000 демонстираа свој став. И тоа е повеќе од 9.000. А легитимитет не се добива со 9.000 гласа. Но, најважното СДСМ е многу повеќе од 12.000 или 23.000, СДСМ се сите кои не се регистрираа и со тоа демонстрираа отпор. Ова сценарио е погубно за СДСМ, за вистинската СДСМ и затоа не е доцна нешто добро да се направи. Јас ќе се борам за доброто на СДСМ. На Македонија и треба силен, кредибилен и чист СДСМ и затоа повикувам формирање на привремено раководство, без багаж и кое ќе има јасен мандат и капацитет да ја обедини партијата, и да ја подготви за следните и внатрепартиски и локални избори. Ова е единственото сценарио за заздравување на СДСМ. Свесна сум дека оваа моја искреност некого ќе го повреди, но подобро некој да е повреден од мојата искреност, отколку партијата да се сведе на 50.000 гласови следната година, стои во реакцијата од Петровска.

Венко Филипче е избран за нов претседател на СДСМ на денешните вонредни внатрепартиски избори со над 9000 гласа од вкупно излезени 12600 гласачи или 54 отсто од запишаните 23 000.

-Вечерва СДСМ доби нов претседател. Во една фер и демократска процедура на внатрепартиски избори Социјалдемократите го избраа др. Венко Филипче за претседател на СДСМ. По завршување на гласањето во 20 часот во 77 избирачки места пристигнаа прелиминарните резултати кои се 95 отсто обработени. Од нив Филипче има 9052 гласа, Александар Бајдески 905, Јован Деспотовски 2705 и Славјанска Петровска 190 гласа. Неважечки се 174. Конечните резултати ќе ги објавиме во рок од 48 часа по истекот на рокот за приговори и жалби, ги соопшти вечерва резултатите од изборите претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ Викторија Аврамовска Мадиќ. вг/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан