• понеделник, 23 декември 2024

Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен“ во Прилеп

Меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен“ во Прилеп

Прилеп, 10 август 2024 (МИА) - Шеснаесет уметници од земјава и од странство создаваат уметнички дела во рамките на меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен“ која по 16-ти пат се одржува во Прилеп од 8 до 13 август.

Ликовната колонија ја исполнува целта за збогатување на ликовното културно наследство, а воедно и за размена на искуства меѓу уметниците од земјава и странство.

- Секоја година, како Ликовна Колонија растеме. Можеби тргнавме скромно, но на уметниците им нудиме одлични услови, пријатна атмосфера, инспиративна за творење. Делата го збогатуваат ликовното културно богатство и Колонијата носи огромни искуства за уметниците, објаснува Марјан Стојаноски, раководител на Колонијата.

На колонијата ќе се создадат нови дела што се културно наследство.

- Очекуваме да се создадат нови уметнички дела кои ќе ја збогатат нашата колекција, која моментално брои околу 400 дела, слики и скулптури. Колонијата се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, рече Марија Попова Јованоска, в.д. директор на ЦК „Марко Цепенков“ - Прилеп.

Уметникот Немања Вучковиќ од Србија првпат учествува и вели дека Колонијата е големо искуство за него.

- Сликам апстрактен импресионизам. Прв пат учествувам на колонијата во Прилеп. Го сликам просторот. Овде е многу пријатно за работа. Има одлични уметници, мене добро ми од со инспирацијата и мислам дека ќе направам добри дела на Колонијата, рече Вучковиќ.

Петја Георгиева од Бугарија сака да присуствува на ликовните колонии во Македонија. Има мир и спокој за работа.

- Многу сакам да доаѓам во Македонија на ликовни колонии. Многу сум задоволна што сум дел од Колонијата во Прилеп. Многу спокојно се работи. Мојот стил е експресионизам, апстракционизам, наивизам. Сакам да го насликам стариот град - Прилеп, вели Георгиева.

Уметниците творат во рамките на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“. ем/ар/

Фото:МИА

Остани поврзан