• четврток, 19 декември 2024

Мецола: Европејците сакаат посилна, поправедна и подобра Европа за сите 

Мецола: Европејците сакаат посилна, поправедна и подобра Европа за сите 

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) - Две недели по Европските избори станува појасно дека граѓаните во следните пет години очекуваат од институциите на ЕУ да изградат посилна, поправедна и подобра Европа за сите Европејци, изјави претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола на прес-конференција по нејзиното учество на Самитот на Унијата. 

- Предизвикот сега е како тие пораки од изборите да се претворат во политичка програма, која ќе биде сериозна, испорачлива и спроведлива, истакна Мецола 

Според неа, изборните резултати покажале дека Европејците сакаат заштита на европските вредности и безбедноста да бидат главен приоритет на ЕУ, што ќе значи продолжување на поддршката за Украина, зајакнување на капацитетите на Унијата за реакција во кризни ситуации и остварување стратешка автономија на блокот.  

- Мораме Европа да ја доближиме до она што го очекуваат граѓаните и да испорачаме посилна, поправедна и подобра Европа за сите Европејци. ЕУ мора да испорачува согласно очекувањата на граѓаните. Одговорноста е на нас, ако не испорачаме, ќе зајакнуваат оние што сакаат да ја уништат ЕУ, изјави Мецола, нагласувајќи дека тоа е пораката што таа ја сфатила од изборните резултати и растот на поддршката на десничарските и евроскептичните сили. 

Мецола нагласи дека Европарламентот останува цврсто посветен на процесот на избор на носителите на врвните позиции во ЕУ и дека очекува европските лидери уште вечерва да се договорат за имињата на водечките функционери, по што до неа ќе го достави предлогот за претседател на Европската комисија за да може да започне парламентарната изборна процедура. Таа најави дека доколку биде утврдена на овој Самит, кандидатот за претседател на Еврокомисијата веќе во вторник ќе биде поканет на средба со лидерите на политичките групи во ЕП со цел да се обезбеди парламентарно мнозинство за негов избор. 

- Европскиот парламент е подготвен да го спроведе процесот за избор на претседател на Европската комисија без одлагање, истакна Мецола, додавајќи дека се надева оти гласањето ќе се одржи во текот на јули. 

Претседателката на Европарламентот го поздрави потпишувањето на, како што го нарече, „безбедносниот пакт“ меѓу ЕУ и Украина, со кој Унијата се обврзува на безбедносни гаранции и воена, дипломатска и финансиска поддршка за земјата, како одлуките за користење на приходите од замрзнатите руски средства за помош на Киев, за 14-от пакет санкции кон Русија поради воената агресија врз Украина и за стартот на земјата на преговорите за членство во блокот. 

- Со тоа испраќаме јасна порака за нашата непоколеблива поддршка за Украина и безбедносната и геополитичката важност на проширувањето, додаде Мецола. сп/ 

Фото: Скриншот  

Остани поврзан