Меркел уште еднаш призна дека побарала многу од Грците, Мицотакис ја карактеризираше како глас на логиката и стабилноста
- На грчката криза и опасноста Грција да излезе од еврозоната, мерките за штедење, односите со Турција и мигрантското прашање, се осврнаа на последната средба и последната прес конференција во
Атина, 29 октомври 2021 (МИА) – На грчката криза и опасноста Грција да излезе од еврозоната, мерките за штедење, односите со Турција и мигрантското прашање, се осврнаа на последната средба и последната прес конференција во Атина во функцијата канцеларка на Германија, Ангела Меркел и нејзиниот домаќин грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека како осми грчки премиер што се сретнува со Меркел ќе се осмели да направи краток преглед на случувањата, ја карактеризираше германската канцеларка како „глас на логиката и стабилноста“, додека пак Меркел уште еднаш призна дека побарала многу од Грците.
Германската канцеларка истакна дека таа лично, целосно била свесна за „прекумерното оптоварување за луѓето во Грција во однос на прашањето со еврото“, но додаде дека сепак, на крајот беше постигнат заеднички тек и „Грција да остане членка на Европската унија“.
- Секако знам дека побарав многу од Грците, од граѓаните на Грција, но од друга страна, видете, имаше и различни Влади во Грција кои многу од реформите ги сметаа за силни. Сега, во сегашната ера, прашањето за приватизацијата не се оспорува како порано, рече Меркел и додаде дека нејзиниот став и нејзиното обврзување, секогаш било Грција да се задржи во еврозоната.
Грчкиот премиер истакна дека се покажа дека „слепото европско штедење“ не издржа, но и дека мерките на штедење не се одговор за сè.
- Во целиот овој период Ангела Меркел беше гласот на логиката и стабилноста и во Берлин и во Брисел, можеби понекогаш и нефер, но одлучувачки во моментите како во 2015 година кога наспроти врвни нејзини министри не се согласи со протерувањето на Грција од Европа, додаде грчкиот премиер.
Поголемиот дел од прес конференцијата на Мицотакис и Меркел беше посветен на грчко-турските односи, односите на Турција со ЕУ, како и мигрантското прашање.
Мицотакис рече дека често, „западната смиреност ја охрабрува турската самоволност“, повтори дека Грција сака дијалог со Турција, со почитување на морското и меѓународното право, но нема да толерира закани.
- Грчко-турските проблеми по дефиниција се проблеми што се однесуваат на Европа, не затоа што Грција е членка на ЕУ, туку затоа што тоа има директна рефлексија на она што се случува во Источниот Медитеран и Европа, а пример е мигрантското прашање, кое секако се однесува и на Грција, но и на Европа и на Германија, објасни Мицотакис.
- Не можам да не се согласам дека вистинските и повеќето проблеми меѓу Грција и Турција се проблеми меѓу Европската Унија и Турција. Без разлика дали тоа е мигрантскиот проблем, заедничкото членство во НАТО итн. Не можеме, а да не се согласиме едногласно, а и во рамките на ЕУ постои единство, тоа е нешто што го стекнуваме по битки, но наоѓаме заеднички став. Второ е дека имаме меѓусебна зависност. Иако можам за многу работи да ја критикувам Турција, сепак сметам дека е позитивно што згрижува 3.5 милиони бегалци и ова е голема работа, истакна Меркел.
Германската канцеларка, претходно, беше примена од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, а од претседателската, замина пеш за премиерската палата, што е на оддалеченост од неколку метри.
Сакеларопулу рече дека во изминатите години, за време на мандатите на Меркел, „постоеја моменти на тешкотии и тензии“, а Грција се најде во тешка позиција и „беше повикана да плати висока цена“.
- Во Грција многупати, оправдано, се чувствувавме сами, истакна Сакеларопулу, но додаде дека билатералните односи имаат „цврсти темели“.
Меркел пак, рече дека односите меѓу двете земји „доживеаја подеми и падови, но кои се базираат на цврсти основи, кои ќе не одведат во иднина“.
- Морам да кажам, како заклучок, дека дијалогот отсекогаш беше клучот во барањето и изнаоѓање решение, истакна Меркел, додавајќи дека „секогаш имавме чувство дека припаѓаме заедно“.
Меркел, синоќа пристигна во Грција, имаше приватна вечера со Мицотакис во неговиот дом, а утрово се сретна со студенти во Институтот „Гете“. ср/ми/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер/ Кабинет на грчката претседателка