• вторник, 13 јануари 2026

Меморандум за претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година

Меморандум за претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година

 

Скопје, 29 декември 2025 (МИА) -  Потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини со што се воспоставува јасна институционална рамка за партнерска соработка и заедничко дејствување на сите нивоа на локалната самоуправа, за проектот „Европска престолнина на културата - Скопје 2028“.  

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска на „Фејсбук“ напиша дека со потпишувањето официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата - Скопје 2028“.

- Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа. Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните, смета Ѓорѓиевски.

Во објавата се наведува дека потпишувањето на меморандумот испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.

- Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните. Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар. Со ова, проектот „Европска престолнина на културата - Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град. Најдоброто, доаѓа, додава градоначалникот. бд/лв/

Фото: Град Скопје

Остани поврзан