• понеделник, 23 декември 2024

Мемов: Изборите се делумно фер и демократски, без разлика на опструкциите, ги исполнивме целите на кампањата

Мемов: Изборите се делумно фер и демократски, без разлика на опструкциите, ги исполнивме целите на кампањата

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Портпаролот на движењето ЗНАМ Никола Мемов денеска на прес-конференција оценувајќи го изборниот процес, констатираше дека изборите се делумно фер и демократски. Според Мемов, имало нерамноправност во медиумското претставување, како и политички притисок врз нивниот кандидат Максим Димитриевски.

Мемов појаснува дека преку изборниот законик имале нерамноправност во медиумското претставување на кандидатите за претседател на државата, фаворизирајќи ги кандидатите од четирите најголеми парламентарни партии, со десеткратно поголема медиумска застапеност, платена од граѓаните на државата.

-Политичкиот притисок на нашиот кандидат за претседател, преку монтиран судски процес, поради одбрана на јавниот интерес наспроти бизнис интересите на фирми спонзори на власта. Г-нот Димитриевски беше повеќе пати повикуван на судски рочишта и распиш во Обвинителството во сред кампања, само со цел да го нарушат неговиот личен углед, но и динамиката на нашата кампања, рече Мемов.

Како што посочи, без разлика на овие опструкции, Движењето ЗНАМ ги исполнило целите на кампањата. Тој порача дека продолжуваат понатаму со уште позасилено темпо до парламентарните избори на 8 мај.

- Преку позитивна, скромна и луцидна кампања на терен и преку медиумите до граѓаните ги пренесовме нашите конзистентни политики и политички пораки. Сакам да им се заблагодарам на сите наши членови и поддржувачи со порака дека продолжуваме понатаму со уште позасилено темпо до парламентарните избори на 8 мај, додаде Мемов.  

Потенцира дека заедно со граѓаните се подготвени да ја преземат одговорноста за да ја водат државата, наспроти досегашните партии кои се менуваат на власт повеќе од 30 години.

-Ги повикувам граѓаните да продолжат да ја даваат својата поддршка за ЗНАМ и одиме понатаму, додаде Мемов. бт/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан