• недела, 14 јули 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 13 јули 2024 (МИА) - Вчера во 13:57 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Скопје, во двор од куќа, сопственост на Д.Ѓ.(40) од Скопје, тој бил физички нападнат со тврд предмет од малолетник. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото на настанот, при што затекнале четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци, а на местото на настанот биле пронајдени и остатоци од работи кои ги консумирале, за кои дополнително ќе се врши вештачење за да се утврди нивната содржина. Малолетните лица со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Известен бил јавен обвинител, кој излегол на лице место. Во 16 часот полициски службеници го лишиле од слобода Д.Ѓ.. Денеска во тек е увид под раководство на јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Денеска во 02:25 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.Е.Ч.(25) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 12.07.2024 во 21.20 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Ј.(36) од Р. Турција, затоа што кај него биле пронајдени и одземени семки од канабис. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 22:30 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки (такси возило) управувано од Ќ.М.(57) и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван  од О.М.(21), двајцата од Скопје. Во несреќата возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди, а неговата малолетна сопатничка се здобила со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

Вчера во 10:50 часот во СВР Скопје, било пријавено дека на крстосницата од ул.„11-ти Октомври“ и ул.„Димитрие Чуповски“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.П.(74), и електричен тротинет управуван од М.Ф.Ц.(20) од Камерун. Во несреќата возачот на електричниот тротинет се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.

Синоќа во 20:05 часот во СВР Битола, било пријавено дека на пат за с.Брусник, битолско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу моторцикл со битолски регистарски ознаки, управуван од С.С.(43) и патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.Ц.(61), двајцата од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Битола.

Денеска во 01:00 часот во Полициската станица Прилеп, било пријавено дека на крстосница од ул.„Иво Лола Рибар“ и ул.„Цане Кузманоски“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мазда“, управувано од Д.П.(34) од Прилеп и мотоцикл управуван од В.М.(18) од с.Беровци, прилепско, двете возила со прилепски регистарски ознаки. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Прилеп. 

Вчера во 14:30 часот во Полициска станица Аеродром Ј.К.(20) од Скопје пријавила дека на кеј на река Вардар во Скопје била касната од куче скитник.

Синоќа во 21:55 часот полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес ги привеле Д.Б.(38) и Ф.Ѓ.(32), двајцата од Велес. При прегледот кај Д.Б. била пронајдена и одземена марихуана, а Ф.Ѓ. не поседувал документ за идентификација. По документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.фф/нд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан