• вторник, 02 јули 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - На 26.05.2024 на Граничен премин Јажинце, полициски службеници го привеле А.А.(26) од тетовско Јеловјане, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување затворска казна. При приведувањето кај него била пронајдена и одземена марихуана. Во 17.15 часот лицето било предадено на полициски службеници од СВР Тетово, по што било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 26.05.2024 во 10.40 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Т.(30) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.05.2024 во 12.00 часот на подрачјето на Драчево, полициски службеници од Полициската станица Драчево го лишиле од слобода Ш.С.(21) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.05.2024 околу 23.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Никола Карев“ во Скопје имало пукање. Во 23.45 часот, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен Т.А.(24) од Скопје. Во 23.51 часот, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени О.Б.(19) и А.И.(29), двајцата од Скопје, каде што по укажаната помош, во 00.45 часот на 27.05.2024, А.И. починал. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.

На 26.05.2024 во 14.20 часот во ОВР Кавадарци, С.С.(65) од село Виничани, општина Градско, пријавил дека при извршување земјоделски работи во нива во атар на село Паликура, општина Росоман, пронашол неексплодирана граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно ја подигнал гранатата, а увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци.

На 26.05.2024 во 18.06 часот во СВР Скопје било пријавено дека во рециклажен двор на ЈП „Комунална хигиена“ на бул.„Илинден“ во Скопје биле пронајдени две неексполодирани гранати. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Скопје безбедно ги подигнал гранатите, а увид извршила екипа од СВР Скопје.  

Денеска (27.05.2024) во 00.45 часот на Граничниот премин Деве Баир, полициски службеници го лишиле од слобода И.Д.(50) од Република Турција, затоа што при извршена пасошка контрола и проверки било констатирано дека меѓународната зелена карта за осигурување на возилото кое го управувал, била фалсификувана. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 26.05.2024 во 18.20  часот на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници го привеле К.Ц.С.(19) од Република Турција, затоа што при извршена пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека го пречекорил дозволениот престој. Тој бил предаден на полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал миграции странци и реадмисија Скопје за понатамошна постапка.

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на викендот (24/25/26.05.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на СВР Битола изречени се вкупно 197 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 73 санкции, 13 мерки за возење под дејство на алкохол, 29 мерки за возење без возачка дозвола, изречени 15 мерки за непрописно паркирани возила, 27 мерки за непрописно престигнување...

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (26.05.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 100 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 23 санкции, седум санкции за користење мобилен телефон при возење, пет мерки за минување на затворен сигнал - црвено светло, осум санкции за некористење на сигурносен појас, 22 мерки за прекршоци што ги чинат возачи на мотоцикли...

На 26.05.2024 во 07.55 часот во СВР Куманово било пријавено дека на локалниот пат кој води од с.Коњух кон с.Бељаковце, кај место викано „Ракле“, кратовско, патничко возило „даеву матиз“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.Ј.(75) од с.Марино, општина Илинден, излетало од коловозот и паднало во р.Крива река. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот и неговата сопатничка С.Ј.(76) од с.Марино. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен oбвинител телата на починатите биле предадени на обдукција. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Куманово.    

На 26.05.2024 во 14.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Л.С.(52) од с.Волково, скопско, пријавила дека во  с.Ново село, скопско,  била касната од куче скитник.

На 26.05.2024 во 15.40 часот во Полициската станица Центар, Л.Р.(25) од Скопје пријавил дека на ул.„Орце Николов“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 27.05.2024 во 00.20 часот во СВР Битола, П.Б.(25) од Битола пријавил дека на ул.„Димче Лахчански” во Битола бил каснат од куче скитник. дма/

Фото:МИА архива

Тагови

Остани поврзан