• недела, 22 декември 2024

Успешно завршена работната акција за отворање пат и очистување на манастирот на Свети Архангел Гавриил – Манастирец

Успешно завршена работната акција за отворање пат и очистување на манастирот на Свети Архангел Гавриил – Манастирец

Дебар, 2 јули 2024 (МИА) - Работната акција во бигорскиот метох, манастирот посветен на Соборот на Светиот Архангел Гавриил во  Манастирец, во Долни Дримкол, беше успешно спроведена и завршена.

- Благодарение на вашите молитви и посветеноста на работниците доброволци, изминатиов викенд, на 29 и 30 јуни, со благослов на нашиот почитуван Старец, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, внатрешноста и надворешноста на некогашниот величествен храм беа сосема очистени, така што се стигна до самата основа на црквата, информираа од Бигорскиот манастир.

Акцијата вклучуваше отворање на пристапен пат и израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со текот на времето беше целосно обраснат и тешко пристапен. 

- Со Божја помош и со трудољубивите раце на нашите доброволци, внатрешноста на храмот беше целосно очистена од растенијата и камењата, со што се стигна до рамна основа. Оваа задача е дел од сеопфатните работни дејности за оспособување на просторот за извршување на богослужба. Беше навистина прекрасна глетка да се видат неколку десетици доброволци од локалните дримколски села: Модрич, Луково, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица и други, како пожртвувано се трудат во оваа благородна мисија. Се разбира, не изостана помошта и на благочестивиот  Новче Чавкоски – Ноче, кој самиот работејќи со специјални дигалки, многу помогна за изнесувањето на камењата од внатрешноста на храмот. Драгоцена беше помошта и на Борче Марковски од Битола, кој штедро обезбеди специјална механизација и стручен тим, посочуваат од манастирот.

Најавуваат дека првата Божествена Литургија во Манастирот на Светиот Архангел Гавриил е предвидена за 26 јули (нов стил) оваа година, на празникот Собор на Свети Архангел Гавриил, кога била, всушност, главната слава на манастирот.

-Според Божјата милост и помош, во иднина е планирано возобновување на манастирот, се разбира, доколку за тоа се обезбедат соодветни средства. Затоа, секој придонес во иднина, без оглед на големината, е добредојден, бидејќи ќе ни помогне во обезбедување на неопходните материјали и ресурси за возобновувањето на древниот Манастир во Долни Дримкол, метох на Свештената бигорска Обител, нагласуваат од Бигорскиот манастир. вт/вг/


Фото: Бигорски манастир

 

Остани поврзан