• вторник, 02 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 25 февруари 2024 (МИА) - Синоќа во 23.30 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија, го лишиле од слобода гевгеличанецот Д.Ш., на возраст од 24 години. При преглед, кај лицето била пронајдена марихуана. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По документирање на случајот, против Д.Ш. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во текот на изминатата ноќ од 22 до четири часот, полициски службеници на СВР Тетово спроведоа акциска контрола за санкционирање возачи кои ги управуваат возилата под дејство на алкохол. При контролата е санкциониран 21 возач (ТЕ-14 и ГВ-7). Сите возачи-прекршители, веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци, со парични глоби што се движат од 225 до 375 евра во денарска противвредност. Покрај ова, времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи, од три месеци до една година. Во акциската контрола санкционирани, исто така, биле и 25 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-18 ГВ-5).

Во текот на изминатата вечер, во периодот од 22 до четири часот на територија на СВР Битола, спроведена е засилена акциска контрола за санкционирање возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол. При контролата, санкционирани се 18 возачи од кои - 10 во Битола, четири во Прилеп, два во Ресен и по еден - Демир Хисар и Македонски Брод, а откриени биле и 16 други видови прекршоци.

Од 22 до четири часот, на подрачјето на СВР Охрид, преземени се засилени сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници затекнале 18 возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол - Охрид - четири, Струга - четири,Кичево - девет, Дебар - еден. Тие веднаш се исклучени од сообраќај, одземени им се возачките документи и поднесени им се соодветни платни налози.

Рано изутринава во четири часот, во угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, го лишиле од слобода Б.Т., на возраст од 24 години, од Свети Николе, поради тоа што кај него била пронајдена и одземена таблета. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Рано утринава во два часот, во ОВР Неготино било пријавено дека околу 01.10 во казино во градот, две лица со закана со пиштол, од вработените одзеле пари. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 21.13 часот во ОВР - Кавадарци било пријавено дека во населбата Глишиќ настанал пожар во гаража, сопственост на М.М., на возраст од 41 година. Во пожарот, опожарени биле трактор, патничко возило „голф 4“ со кавадаречки регистарски ознаки, два велосипеда и други предмети. Од пожарот бил оштетен и дел од кровот на соседната куќа, сопственост на З.М. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Кавадарци. Повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци.

Вчера во 15.45 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода скопјанецот Љ.Ф.А., на возраст од 24 години, поради тоа што на 23 февруари, околу 23.30 часот, во домот на подрачјето на Ѓорче Петров, физички ја нападнал неговата 20-годишна невенчана сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок. 

Синоќа во 19.30 часот во СВР Скопје, скопјанецот Б.С., на возраст од 46 години, пријавил дека околу 17.50 на подрачјето на Центар, четири лица физички го нападнале неговиот малолетен син и со закана му одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Вчера во 16.20 часот, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба го лишиле од слобода Т.Т., на возраст од 62 години од Скопје, поради тоа што во домот со пиштол ѝ упатувал закани на неговата 63-годишна сестра. Од него бил одземен пиштол „црвена застава м-70“ калибар 7.65 мм., една рамка за пиштол со осум куршуми калибар 7.65 мм и една дозвола за поседување оружје. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.  

Вчера во 15.07 часот во СВР Скопје, 18-годишниот скопјанец Н.Т. пријавил дека на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од неговиот врсник Р.Ѓ. од Гевгелија. По целосно документирање на случајот, ќе следи соодветен поднесок.

Вчера во 15.30 часот во СВР Скопје, Ф.Џ., на возраст од 47 години, од скопско Кондово, пријавил дека во селото бил физички нападнат од страна на неговиот 72-годишен братучед Ш.Џ., кој употребил и тврди предмети. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Утрово во 02.15 часот, полициски службеници од СВР Скопје, на подрачјето на Центар, ги лишиле од слобода И.Г., на возраст од 28 години и О.Г., на возраст од 21 година, двајцата од Република Турција, поради тоа што кај нив биле пронајдени пиштол „глок“ и други предмети, за што постои сомнение дека потекнувале од кривично дело. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 11 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.Ш., на возраст од 71 година и нејзината 61-годишна сосетка М.Г., двете скопјанки. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок. 

Синоќа во 23.50 часот во СВР Скопје, Ј.К., на возраст од 33 години од скопско Арачиново, пријавил дека околу 22 часот во маркет во селото каде работел, по претходна расправија, бил физички нападнат од Б.С. и М.С. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 20.30 часот во СВР Скопје, К.Н. пријавил дека на царински терминал на подрачјето на Гази Баба, било опожарено товарно возило „мерцедес“ со босански национални ознаки со полуприколка, сопственост на правно лице, а паркирано од В.М., на возраст од 35 години од Босна и Херцеговина. Од настанатиот пожар, зафатена биле приколка со скопски регистарски ознаки, паркирана од Д.Ј., на возраст од 39 години од Скопје и приколка со велешки регистарски ознаки, паркирана од С.Г., на возраст од 53 години, од Велес. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23.45 часот било пријавено дека околу 23 часот во Куманово, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу О.А., на возраст од 18 години и еден малолетник од една страна и Х.Н. од друга страна, сите од овој град. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 15.15 часот, Б.И., на возраст од 84 години од Куманово, пријавила дека во градот, од страна на две малолетни лица ѝ бил одземен паричникот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Синоќа во 23 часот во тетовско Желино, полициски службеници од СВР Тетово го привеле тетовецот Е.И., на возраст од 29 години, поради тоа што, при извршен преглед во неговото патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, биле пронајдени и одземени нож, пендрек и безбол палка. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 12 часот, малолетник од Тетово пријавил дека околу 11.30 часот во тетовски угостителски објект, бил физички нападнат од Ф.А., од овој град. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 11.30 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Н.И., на возраст од 61 година од тетовско село, кој бил пријавен од неговата 53-годишна сопруга, дека во домот физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 11.45 часот, Н.Ј., на возраст од 57 години, од село Добридол, гостиварско, пријавил дека околу 10.20 часот во Гостивар бил физички нападнат од неговиот соселанец М.А. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 12 часот во Полициската станица Тетово, Д.Ѓ., на возраст од 37 години од овој град, пријавил дека на улицата „ЈНА“ бил каснат од куче скитник.

Во 17.45 часот вчера во Полициската станица Ѓорче Петров, Б.Т., на возраст од 53 години, од скопско Ново Село, пријавил дека на улицата „Лука Геров“ бил каснат од куче скитник. бд/вг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан