• петок, 10 јануари 2025

Маѓар ќе се залага за силни врски на Унгарија со ЕУ и со НАТО и за прагматичен пристап кон Русија

Маѓар ќе се залага за силни врски на Унгарија со ЕУ и со НАТО и за прагматичен пристап кон Русија

Будимпешта, 9 јануари 2025 (МИА) – Политичкиот опонент на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Петер Маѓар изјави дека ако победи на изборите во 2026 година ќе поддржи силни врски со ЕУ и со НАТО и ќе се стреми кон прагматични односи со Русија.

Маѓар од десноцентристичката партија ТИСА на унгарската политичка сцена се појави минатата година како најсериозен противкандидат на Орбан, кој е на власт од 2010 година. Според неодамнешните анкети расте популарноста на Маѓар и неговата партија ТИСА и има поголем рејтинг од партијата ФИДЕС на Орбан.

Маѓар најави и дека ќе ги одблокира замрзнатите европски фондови во висина од една милијарда евра, со цел да заздрави економијата, а најави и борба против корупцијата.

- Ние сме членка на ЕУ и членка на НАТО … се разбира, тоа е отворена економија и мораме да бидеме во добри односи со другите сили … и источните врски се исто така важни, но во моментов ние продаваме околу 80 проценти од нашите артикли на пазарите во ЕУ, наведе Маѓар.

Тој најави дека неговиот пристап кон Русија би бил прагматичен.

- Не мислам дека има пријателства во политиката … дека постои пријателство Орбан-Трамп или пријателство Орбан-Путин. Има интереси и правилно е државните лидери да ги застапуваат интересите на своите земји … за тоа неопходни се сојузници, но тоа треба да се сојузи засновани на вредности, оцени Маѓар.

Тој додаде дека би имал сличен став и кон Кина.

- Една земја може да биде суверена, навистина независна, ако има силна економија … ако не се потпира на кинески заеми или руско влијание или „помош“, туку стои на свои нозе, потенцира Маѓар. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан