Марш во прилепско по повод 80 години Февруарски поход
- По повод 80 годишнината од Февруарскиот поход, прилепскиот сојуз на борци и поддржувачи на традициите од НОБ и Револуцијата заедно со планинарските друштва го одржуваат маршот по врвиците на партизаните и борците.
Прилеп, 18 февруари 2024 (МИА) - По повод 80 годишнината од Февруарскиот поход, прилепскиот Сојуз на борци и поддржувачи на традициите од НОБ и Револуцијата заедно со планинарските друштва го одржуваат маршот по врвиците на партизаните и борците.
Околу 200 учесници изутрината ја почнаа маршутата од пред Меморијалниот музеј „11 Октомври“ во центарот на Прилеп па прво до Могилата на непобедените каде положија свежи цвеќиња и се поклонија пред криптата на загинатите борци. Со превоз учесниците официјалниот марш го започнаа од превојот Слива во Мариово. Пешачат до манастирот „Свети Никола“ во селото Прилепец, па преку месноста Дуна Нива се упатија кон манастирот „Свети Димитрија“ во селото Селце како крајна дестинација.
Маршот во чест на Февруарскиот поход е традиционален.
-Ги одржуваме традициите, а и почитта и сеќавањето за загинатите борци, наши предци од НОБ и Револуцијата. Овој традиционален марш годинава е со посебно значење поради големата годишнина- 80 години од славната епопеја на партизаните и борците – февруарскиот поход. Денеска во нашата организација дојдоа и од другите градови, од тамошните организации на Сојузот на борците да го одбележиме денот, вели Рубин Белчески, претседател на прилепската организација на Сојузот на борците и поддржувачите на традициите од НОБ и Револуцијата.ем/свс/
Фото: Сојуз на борци