• понеделник, 16 март 2026

Маринакис ја отфрла можноста Грција да се вклучи во операции во Ормуската Теснина

Маринакис ја отфрла можноста Грција да се вклучи во операции во Ормуската Теснина

Атина, 16 март 2026 (МИА) - Не се иницира прашање за вклучување на нашата земја во операции во Ормуската Теснина, нагласи портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање, што ќе прави Грција во случај ЕУ да ја прошири операцијата „Аспидес“ („Штитови“) и во Ормуската Тесниан, Маринакис објасни дека конкретната европска операцијата „географски е дефинирана во Црвеното Море и не се однесува на Ормуската Теснина“.

- Во оваа операција учествуваат бродови само од Грција и Италија и која е целта на оваа операција? Целта е безбедност и заштита на бродовите. Ова е инволвираноста на Грција. Она што можам да го кажам и по комуникацијата со Министерството за надворешни работи на Грција е дека нашата земја продолжува да упатува повик до Иран да се воздржи од каква било активност што ја попречува слободата на пловидба. Клучно е, и сите разбираат зошто, да постои целосна примена на меѓународното право, тоа е ставот на нашата земја и враќање кон дипломатијата. И во никој случај немаме намера да се вклучиме во војната - нагласи Маринакис.

Грчките медиуми вчера објавија дека, според „Фајненшл тајмс“, на маса во Европската Унија е можноста за проширување на операцијата „Аспидес“ во Ормуската Теснина. ср/сд/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан