• недела, 22 декември 2024

Макрон сака одново да го номинира Бретон за еврокомесар 

Макрон сака одново да го номинира Бретон за еврокомесар 

 

Брисел, 28 јуни 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон планира да го предложи актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон за уште еден мандат во Европската комисија, со тоа што овој пат тој би раководел со ресор поврзан со економската безбедност и одбраната на ЕУ, објави парискиот весник „Ле Монд“. 

Бретон здоби популарност во Брисел со усвојување на неколку значајни и уникатни закони, како оние околу дигиталната индустрија, конкурентноста и вештачката интелигенција. Тој во текот на изминатите 12 месеци беше на турнеја низ ЕУ на средби со министрите за задолжени за одбрана и за индустрија на земјите членки, како дел од напорите на ЕК за обнова и модернизација на европската одбранбена индустрија, а се залагаше и за развој на вселенската индустрија на Унијата и за носење на закон за Вселената.  

Сепак, неговата номинација би можела да биде доведена во прашање, доколку екстремно десничарскиот Народен собир (РН) ја преземе контролата врз Владата во Париз, по предвремените парламентарни избори закажани за в недела. Макрон го распушти француското Национално собрание и распиша предвремени избори по тешкиот пораз на коалицијата предводена од неговата центристичката партија Ренесанса (РЕ) на изборите за членови на Европскиот парламент на 9 јуни.  

Според последните анкети на јавното мислење се очекува РН да освои меѓу 36 и 37 отсто од гласовите, пред блокот на 50-тина левичарски, социјалдемократски, еколошки и комунистички партии и организации наречен Нов народен фронт (НФП), кој може да се надева на меѓу 27,5 и 28,5 проценти. Коалицијата Заедно (Енсамбле) на осум центристички, либерални и демохристијански партии предводена од Ренесансата на Макрон има рејтинг од меѓу 20 и 21 отсто, а на четврто место е конзервативната партија Републиканци (ЛР) со поддршка од осум до девет отсто. 

Но, со оглед на апсолутниот мнозински изборен систем во Франција, според кој еден кандидат за пратеник е избран на функцијата доколку освои над 50 отсто од гласовите во првиот и просто мнозинство во вториот изборен круг , во кој се пласираат двајцата кандидати со освоени најмногу гласови во првиот круг, се предвидува дека РН може да освои меѓу 220 и 270 пратеници, НФП меѓу 150 и 210, Енсамбле меѓу 75 и 125, а ЛР меѓу 25 и 50 мандати. Останатите партии и независните кандидати би освоиле меѓу 10 и 30 мандати. За парламентарно мнозинство во Националното собрание се потребни 289 пратеници. 

Лидерот на РН, Жордан Бардела изјави дека именувањето на еврокомесар е во надлежност на француската Влада и дека тој има предвид неколку „различни профили“ доколку стане премиер. Елисејската палата одби да ги коментира ваквите изјави на Бардела, но смета дека предлагањето на еврокомесар е ингеренција на претседателот на Републиката.  

Од друга страна, меѓу Бретон и веројатната старо-нова претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен не постои „преголема љубов“. Во текот на кампањата за Евроизборите, Бретон го критикуваше именувањето на Фон дер Лајен за „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП), наведувајќи во објава на Икс дека и самите членки на ЕПП „не веруваат премногу во нивниот кандидат“. 

Дополнително, Бретон дојде во конфликт и со еврокомесарката за конкурентност Маргрете Вестагер, со која мораше да соработува за повеќе прашања и усвојување на законски регулативи. 

Се очекува земјите членки да ги номинираат своите кандидати за еврокомесари до крајот на август, по што треба да почне распределбата на ресорите. При изборот на актуелната Европска комисија, Фон дер Лајен побара секоја земја членка да номинира по еден кандидат и една кандидатка за еврокомесарката позиција. Не е исклучена, таа да се реши за истата варијанта доколку биде реизбрана од страна на Европскиот парламент, откако доцна синоќа европските лидери решија да ја номинираат за втор мандат на чело на ЕК. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан