• недела, 22 декември 2024

Северна Македонија има двојно повеќе земјиште од потребното за развој на обновливи извори на енергија

Северна Македонија има двојно повеќе земјиште од потребното за развој на обновливи извори на енергија

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА)  – Студија спроведена од тим експерти од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), глобалната еколошка организација „The Nature Conservancy“ и граѓанската организација Еко-свест, открива дека земјава има двојно повеќе земјиште кое е потребно за да се задоволат потребите за електрична енергија, без непотребно влијание врз природата и локалните заедници.

Македонскиот енергетски сектор има потенцијал од најмалку 11 GW за сончева фотоволтаична енергија и 0.35 GW за енергија од ветер на деградирано и неупотребливо земјиште, со што на земјата ѝ се овозможуваат услови да стане лидер во регионалните напори за декарбонизација, беше соопштено денеска на конференцијата на тема „Енергетски промени: План за забрзување на енергетската транзиција на Македонија“.

Студијата објавена денеска, резултираше со мапа на одржливи локации, првенствено на некорисно и загадено земјиште, за развој на обновливите извори на енергија во Македонија. Доколку инвестициите се насочат кон соларни и ветерни електрани на само половина од овие одредени локации, овие проекти би можеле да генерираат 7,7 терават-часови електрична енергија годишно.

-Значаен пример за ова е соларниот парк Осломеј, изграден на територијата на поранешен рудник за лигнит. Тој е веќе делумно функционален и по завршувањето ќе има инсталирана моќност од 120 MW, рече научниот соработник на МАНУ, д-р Александар Дединец на денешната конференција.

Резултатите од студијата нудат можности не само за носителите на одлуки, туку и за инвеститорите, додаде Дединец, потенцирајќи дека користењето на креираните мапи овозможува преглед за тоа кои локации се најдобри и каде да го насочат нивното внимание. 

-Со оглед на тековната општествено-политичка клима која го поддржува развојот во областа на обновливите извори на енергија, веруваме дека резултатите од оваа студија можат да бидат главна насока за постигнување на целите, потенцираше Дединец.

Руската инвазија врз Украина, продолжи Дединец, го наруши енергетскиот систем на Европа и поттикна бројни европски земји значително да го забрзаат распоредувањето на обновливите извори на енергија, диверзифицирајќи ги нивните енергетски извори и со тоа зајакнување на енергетската безбедност.

Земјава се обврза да ја укине употребата на јаглен до 2027 година приклучувајќи се кон Алијансата за борба напуштање на јагленот. Ваквите амбициозни цели бараат забрзување на развојот на обновливите извори на енергија, притоа на локации кои не се во области со значителна биолошка разновидност, не се од голема еколошка вредност и не се критични за благосостојбата на локалните заедници.

Игор Вејновиќ од глобалната еколошка организација „The Nature Conservancy“ истакна дека овие мапи треба да бидат интегрирани во идните верзии на клучните стратешки документи како што се Стратегијата за енергетика на Македонија, Националниот план за енергија и клима (NECP) и плановите за аукции во областа на обновливите извори на енергија на одредени локации. ра/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан