Луѓето со белодробни заболувања се можеби најранливи на климатските промени
- Се проценува дека 6,7 милиони луѓе ширум светот и 373.000 во Европа починале поради загадениот воздух во 2019 година, а стакленичките гасови и загадувањето на воздухот имаат многу заеднички извори.
Лос Анџелес, 4 септември 2023 (МИА) - Лицата со белодробни заболувања се меѓу најранливите на климатските промени, сметаат стручњаците за респираторни болести, повикувајќи на итна акција за запирање на климатските промени и намалување на загадувањето на воздухот.
Се проценува дека 6,7 милиони луѓе ширум светот и 373.000 во Европа починале поради загадениот воздух во 2019 година, а стакленичките гасови и загадувањето на воздухот имаат многу заеднички извори. Високите температури, променливото време, наголемувањето на поленот и другите алергени, како и шумските пожари, бурите од прашина и сообраќајот заснован на фосилни горива, ги влошуваат постоечките респираторни услови и може да создадат нови. Влијанието на климатските промени врз планетата и човековото здравје сега е „неповратно“, а двете се меѓусебно поврзани, предупредуваат лекарите.
Во написот на европскиот „Журнал за респираторни состојби“ (European Respiratory Journal), се бара ЕУ, во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО), да ја затегне безбедната граница за загадување на воздухот.
Намалувањето на стакленичките гасови и запирање на натамошното затоплување на планетата би довело до „суштински и директни придобивки“, пишуваат авторите, бидејќи здравјето на луѓето брзо ќе се подобрува, како што воздухот станува почист.
- Климатските промени влијаат на здравјето на сите, но респираторните пациенти се веројатно меѓу најранливите. Тоа се луѓе кои веќе имаат потешкотии со дишењето и се многу поранливи на нашата променлива клима. Нивните симптоми ќе се влошат, а за некои тоа ќе биде смртоносно, вели проф. Зорана Јовановиќ Андерсен од Универзитетот во Копенхаген и авторка на извештајот.
И децата се особено погодени од климатските промени и загадувањето на воздухот, бидејќи нивните бели дробови сѐ уште се развиваат, дишат побрзо и вдишуваат два до три пати повеќе воздух од возрасните бидејќи минуваат повеќе време надвор. Изложеноста на загаден воздух рано во животот може да претставува и поголема веројатност од развој на хронични белодробни заболувања, како што е опструктивната белодробна болест, подоцна во животот, сметаат авторите.
Неодамнешните извештаи на СЗО наведуваат дека намалувањето на емисиите ќе резултира со подобар квалитет на воздухот, па затоа регулирањето на загадувањето на воздухот треба да биде „во средиштето“ на секоја климатска стратегија, се вели во написот. си/
Фото: МИА архива.