• понеделник, 23 декември 2024

Локален совет за превенција Гостивар усвои план со активности за бранот печалбари во летниот период

Локален совет за превенција Гостивар усвои план со активности за бранот печалбари во летниот период

Гостивар, 16 јуни 2023 (МИА) – Во салата на Ссоветот на општина Гостивар се одржи седница на Локалниот совет за превенција (ЛСП) на која покрај претставниците на локалната самоуправа присуствуваа и претставници на други институции. Како поважни аспекти беа разгледани состојбите и активностите во сообраќајот за време на престојот на нашите иселеници во родниот крај, противпожарната заштита во летниот период и соработката со останатите институции.

Недостигот од паркинг места беше посочен како проблем, што според Басри Весели од ОВР Гостивар во летниот период е поизразен со оглед дека низ градот има околу 800 места предвидени за паркирање.

- Присуството на полициски службеници по сообраќајниците во овој период ќе биде зголемено и по потреба ќе се регулира движењето на возилата, рече Весели.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари посочи дека локалната власт работи на обезбедување на повеќе паркинг местата со отворање на дворовите на основните и средните училишта, кои ќе можат да се користат за паркирање додека печалбарите престојуваат во родниот крај.

- Апелирам за време на престојот на нашите сонародници во татковината, институциите да бидат во нивна служба, граѓаните и советодавно да делуваат. И оваа година училишните дворови ќе се користат како јавни бесплатни паркинзи. Во овој период ќе биде од корист, што помалку да ги користиме возилата и да придонесеме за поголем ред, рече градоначалникот Таравари.

На седницата беше договорено активисти на Црвениот крст да се вклучат и преку нивни акции и кампањи да промовираат поголема безбедност во сообраќајот и да им помагаат на граѓаните во топлите денови. Особен осврт имаше и на делувањето на противпожарната единица и соработката во превенција и заштитата од пожари.

Локалниот совет за превенција е формиран со проектот „Со локалните совети за превенција кон подобра соработка“, и како пилот-проект го спроведува Евротинк-Центарот за европска стратегија, поддржан од Амбасадата на САД во Скопје. згм/

Фото: општина Гостивар



Остани поврзан