• понеделник, 23 декември 2024

Лидерите на ЕУ ќе бараат усвојување на рамка за побрза депортација на илегалните мигранти 

Лидерите на ЕУ ќе бараат усвојување на рамка за побрза депортација на илегалните мигранти 

Брисел, 8 октомври 2024 (МИА) - На следниот Самит на ЕУ, што треба да се одржи на 17 и 18 октомври во Брисел, дел од лидерите ќе иницираат нови пристап за сузбивање на илегалната миграција во Унијата, кој меѓу другото би вклучувал и забрзување на процедурата за депортација на мигрантите. 

Според дипломатски извори, шефовите на држави или влади на членките на Унијата планираат да извршат притисок врз Европската комисија, со цел таа да подготви нови препораки за депортации. 

- Европскиот совет повикува на решителна акција на сите нивоа за да се зголеми и забрза депортацијата од Европската Унија. Ги повикуваме Комисијата и Советот под итно да предложат нов заеднички пристап за депортација, се наведува во предлог-документ подготвен за Самитот, чии делови пренесува „Политико“. 

Едно од главните барања во предлогот е „разјаснување на правната рамка“ поврзана со депортацијата на мигранти во земји кои не се членки од Европската Унија.  

Европската комисија во 2018 година предложи законска регулатива за депортацијата на мигранти, наречена Директива за враќање, но таа никогаш не стигна на усвојување во Европарламентот, поради жестоките реакции на дел од европратениците и стравувањето дека ваквиот предлог би бил отфрлен. 

Најавата за иницирање нов план за депортација доаѓа откако двете најголеми држави во ЕУ, Германија и Франција, се приклучија на земјите од блокот кои извесен период бараат построг пристап кон миграцијата во Европа. 

Промената на ставот на Берлин и Париз, се оценува како резултат на растот на поддршката за националистичките и екстремно десничарските партии низ Унијата, кои се познати по својата антиимигрантската реторика и ветувањата за запирање на миграцијата и протерување на мигрантите. 

Дел од лидерите сметаат дека нов предлог за депортација на мигрантите сега би имал поголеми шанси да помине во Европскиот парламент, во услови кога во него е зголемен бројот на европратеници од десницата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан