Лефков: Груби ја компромитира ДУИ, тие наместо да направат рез го бранат
- ВМРО-ДПМНЕ смета дека поранешниот вицепремиер и висок функционер од ДУИ ја компромитира партијата, со тоа што на листа на САД и е фатен во криминал од 8 милиони евра. Наместо да направат рез, велат од партијата, тие го штитат, а СДСМ сее магла.
Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ смета дека поранешниот вицепремиер и висок функционер од ДУИ ја компромитира партијата, со тоа што е на листа на САД и е фатен во криминал од 8 милиони евра. Наместо да направат рез, велат од партијата, тие го штитат, а СДСМ сее магла.
-Груби ја компромитира ДУИ, тој е на црна листа на САД и фатен во криминал од 8 милиони евра, наместо да направат рез, тие го штитат, а СДС сее магла. Очигледно е дека Груби е криминалец, тоа го кажа и Стејт Департментот и Македонските институции. Само ДУИ наместо да расчисти со тој товар уште повеќе го зема на себе. Со што толку е задолжена ДУИ од криминалецот Артан Груби? А уште повеќе СДС, па мораат да смислуваат разни приказни, за да одвлекуваат внимание?, рече на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека СДСМ со години знаела за криминалот на Груби и не го апсела, за потоа да му се приклучи. Дали, прашува тој, е тоа главната причина зошто сега треба да го бранат.
-Дали СДС се фатени во тесно од Груби и ДУИ кои ги штитат со молчење? Зошто толку Груби знае за СДС и ДУИ што не поминува ден, а двете партии да не вадат нов обид од ракав да го перат, прикриваат или да дефокусираат од него? Колку и СДС и ДУИ да се обидуваат да дефокусираат, одговорност за криминалот ќе има. Веќе никој не е над законот, рече Лефков.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска пак, побара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Обвинителството да го повикаат лидерот на ДУИ Али Ахмети да даде исказ во врска со бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак се надева дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда.
- Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За се останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам - именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон, изјави денеска Мицкоски.
Според премиерот, најлесен начин да се докаже дали некој е виновен или не, е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата. сст/цр
Фото: ВМРО - ДПМНЕ