• сабота, 17 август 2024

Летово, зголемен обем на работа на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово

Летово, зголемен обем на работа на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово

Куманово, 15 август 2024 (МИА) - Последниов месец за околу 40 проценти зголемени се количините на смет кои на дневно ниво ги изнесуваат екипите на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ Куманово, соопштија денеска надлежните. Зголемена е фреквенцијата на луѓе во Куманово во летниот период и зголемена е и количина на смет. Редовно, дневно се изнесуваат над 140 тони смет, сега бројката е дополнително зголемена за од 30 до 40 проценти.

- Сметот се изнесува редовно и покрај зголемените количини. Во централното градско подрачје и по неколку пати дневно во населбите според програмата. Имаше одредени дефекти на некои од возилата, поради кој имаше одредено ненавремено изнесување на смет во одредени реони. Сега ги надминуваме овие проблеми и не очекувам застој во наредниот период, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Ненад Стојановски.

Претпријатието располага со 24 возила на околу 30 проценти од нив има дефекти. За деловите се чека подолг временски период, бидејќи станува збор за специфични возила. Од претпријатието велат дека има набавка на нови возила, но по 24 часа се случуваат дефекти.

Тој дополнува дека граѓаните фрлаат и несоодветен смет во контејнерите, а на одредени локации и кабаст отпад што дополнително ги оптоварува екипите и предизвикува дефекти на специјалните возила за изнесување на смет.

- Би сакал да се повикам на договорот што општината и претпријатието го случија со фирма за селектирање на отпад, картони, стакло. Не сме задоволни. Размислуваме ваков тип на отпад да се сортира, правните субјекти треба да го врзуваат картонот и да го лоцираат на одредена локација, а не како сега да завршуваат во наши контејнери, што за нас претставува дополнително оптоварување и трпат граѓаните, изјави Стојановски.

Тој кажа дека свеста на граѓаните за депонирање на смет не е на завидно ниво. Во однос на работата на инспекцијата кажа дека веќе неколку пати оствариле средби и повика поревносно казнување на загадувачите и физичките и правните лица.

- Кој и да фрла неовластено смет ние како претпријатие сме дежурни виновници. Ние за жал „пливаме“ во ѓубре поради неажурност на службите, нефункционирање на казни, недисциплина на граѓани. Системот мора да почне да функционира и да се казнуваат несовесните, кажа Стојановски.

Тој повика на поголема свесност кај сите, граѓаните, правните субјекти, инспекцијата и службите. ам/

Фото: МИА

 

Остани поврзан