Лаи: Тајван нема да отстапи пред заканите
- -Независно од тоа колку е голема заканата од авторитаризам за Тајван, ние апсолутно нема да се исплашиме, ниту ќе се наведнеме, ќе застанеме во одбрана на вредностите на демократијата и слободата, рече тој.
Тајпеј, 14 август 2023 (МИА) - Тајван нема да се исплаши и да отстапи пред авторитарните закани, изјави тајванскиот потпретседателот Вилијам Лаи, пред своите поддржувачи во Њујорк, при неговата кратка посета на САД, што вчера остро беше критикувана од Пекинг.
Тајванскиот потпретседател, истовремено, ја потврди својата подготвеност да разговара со Кина, пренесувата британските меидуми.
Лаи, кој, исто така, е најсериозен кандидат за претседателската функција на Тајван на изборите следниот јануари, се наоѓа во САД во кратка официјална посета, на пат во Парагвај, каде ќе присуствува на инаугурацијата на новиот претседател. Парагвај е една од само 13-те земји кои одржуваат официјални односи со островот, на кој претендира Кина.
И Тајван и САД велат дека запирањата на американско тло, вклучувајќи го и тоа во Сан Франциско на враќање, се рутински, но Кина ги осуди и Лаи го нарече сепаратистички „креатор на проблеми“.
На вчерашниот ручек со поддржувачите во Њујорк, Лаи кажа дека „доколку Тајван е безбеден и светот е безбеден, доколку Тајванскиот теснец е мирен, тогаш светот е мирен“, соопшти тајванското претседателство.
-Независно од тоа колку е голема заканата од авторитаризам за Тајван, ние апсолутно нема да се исплашиме, ниту ќе се наведнеме, ќе застанеме во одбрана на вредностите на демократијата и слободата, рече тој.
Кина покажува особено непријателски однос кон Лаи, кој претходно се опиша себеси како „личност која работи за независноста на Тајван“ - чувствителна тема за Пекинг, кој не бегаше од прибегнување кон сила за да го стави островот под своја контрола.
Лаи, кој вети дека ќе го одржи мирот и статус квото, во Њујорк повтори дека е „многу расположен“ да разговара со Кина за мирот и стабилноста, притоа почитувајќи ги принципите на интегритет и еднаквост.
Паралелно со ова, тој кажа дека ќе го брани суверенитетот на Тајван, дека само тајванскиот народ може да одлучува за неговата иднина и дека Република Кина (официјалното име на Тајван) и Народна Република Кина „не се потчинети една на друга“.
И Тајпеј и Вашингтон се стремат кон тоа кусите запирања на тајванските функционери на американска територија да бидат ненаметливи и затоа ја повикаа Кина да не презема провокативни акции како одговор.
Меѓутоа, тајванските власти наведуваат дека Кина најверојатно уште неделава ќе почне воени вежби во близина на Тајван, користејќи ја посетата на Лаи на САД како изговор за да ги заплаши гласачите пред изборите следната година и да ги натера да „се исплашат од војна“.
На говорот на Лаи присуствуваше Ингрид Ларсон, извршна директорка на Американскиот институт Тајван, непрофитна организација управувана од американска Влада, која одржува неформални односи со Тајван. сд/
фото:Википедија