• недела, 22 декември 2024

Лазаров: Фарски Острови се квалитетна репрезентација која е во подем

Лазаров: Фарски Острови се квалитетна репрезентација која е во подем

Скопје, 3 мај 2024 (МИА) - Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир пред бараж двомечот со Фарските острови за Светското првенство 2025 година кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка. 

Нашите ракометари ќе се обидат да стигнат до нова мундијалска виза и да го задржат континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Селекторот Кирил Лазаров пред двомечот вели дека го почитува противникот, но дека се почитуваат и самите себе и верува дека ќе може да стигнат до ново големо натпреварување.

- По ждрепката кажавме дека можеме да имаме и подобра, но и полоша ждрепка. Фарски Острови се квалитетна репрезентација која е во подем и тоа го знаат сите кои што се упатени во ракометот. Мораме многу сериозно и фокусирано да ги одработиме овие подготовкие за да се прикажеме во најдобро светло во овие бараж мечеви. Анализите кои ги направивме покажаа дека во секој сегмент во играта знаат што прават и мора да се посветиме, изјави Лазаров. 

Додаде дека верува во нашите ракометари и во нивниот квалитет. 

- Имаме млада, но талентирана репрезентација која како поминува времето е се подобра и подобра. Ќе биде незгодно на гости бидејќи имаат мала сала која ќе биде преполна, па затоа ќе мора психички да се подготвиме за тој меч. Имаме максимален почит кон противникот, но се почитуваме и самите себе. Сметам дека шансите се подеднакви, но верувам дека имаме доволно квалитет да можеме да им се спротиставиме, вели Лазаров. дс

Фото: Архива

Остани поврзан