• недела, 22 декември 2024

Лазарини признава дека за отпуштените Палестинци од УНРВА, обвинети за соработка со Хамас, допрва ќе се спроведува истрага

Лазарини признава дека за отпуштените Палестинци од УНРВА, обвинети за соработка со Хамас, допрва ќе се спроведува истрага

Ерусалим, 10 февруари 2024 (МИА) - Шефот на агенцијата на ОН за помош на палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, изјави дека следел „обратен правен процес“ при отпуштањето на девет членови на персоналот обвинети од Израел за вмешаност во нападите на Хамас на 7 октомври.

Филип Лазарини, главниот комесар на УНРВА, рече дека не ги истражил тврдењата на Израел против вработените пред да ги отпушти и да отвори истрага.

На прес-конференција во Ерусалим Лазарини беше прашан дали проверил дали има докази против вработените, а тој одговори: „Не, истрагата е во тек“.

Тој ја опиша одлуката како „обратен правен процес“, додавајќи: „Можев да ги суспендирам, но ги отпуштив. И сега имам истрага, и ако истрагата покаже дека тоа било погрешно, тогаш ќе донесеме одлука во ОН за тоа како правилно да ги компензираме.

Лазарини рече дека донел „исклучителна, брза одлука“ да ги раскине договорите на членовите на персоналот поради експлозивната природа на наводите. Тој додаде дека агенцијата веќе се соочила со „жестоки и грди напади“ додека обезбедувала помош за речиси два милиони Палестинци во Појасот Газа.

- Навистина, го раскинав нивниот работен однос без соодветна постапка бидејќи тогаш чувствував дека не само угледот, туку и способноста на целата агенција да продолжи да работи и да испорачува критична хуманитарна помош е во прашање доколку не донесам таква одлука. Мојата проценка беше дека без разлика дали обвинувањата се точни или лажн, треба да ја донесам најбрзата и најхрабрата одлука за да покажам дека како агенција сериозно го сфаќаме ова тврдење, рече тој.

Дипломат во израелското Министерство за надворешни работи  на 18 јануари му ги пренел на Лазарини наводите за вработените, по што девет од 12-те вработени во УНРВА беа отпуштени (двајца веќе беа мртви). Наводите ги натераа Обединетото Кралство, САД и 14 други земји да замрзнат околу 350 милиони фунти од финансирањето на агенцијата.

Лазарини рече дека израелски функционер му ги кажал имињата на обвинетите членови на персоналот и обвиненијата со кои се соочуваат. Тој рече дека службеникот читал од „големо досие“, но агенцијата не добила копија. Тој рече дека ги проверил имињата во базата на податоци за персоналот пред да донесе одлука да ги отпушти.

Но, тој дополни дека Израел не изразил загриженост за овие поединци кога нивните имиња биле поднесени минатата година на проверка заедно со сите 30.000 вработени во УНРВА кои работат со палестинските бегалци во Газа, Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија.

Тој рече дека е замрзната сметка во израелската банка која припаѓа на UNRWA и дека агенцијата била предупредена дека нејзините даночни поволности ќе бидат укинати. Лазарини додаде дека во израелското пристаниште Ашдод е блокирана пратка со прехранбена помош од Турција, која вклучува брашно, наут, ориз, шеќер и масло за јадење, што треба да снабди 1,1 милион луѓе за еден месец. ссм/

фото: ДПА архива

Остани поврзан