Кукула: Ако се договори мир во Украина, Русија би била подготвена за војна со НАТО и пред 2029 година
- Началникот на Генералштабот на Војската на Полска, Вјеслав Кукула предупреди дека ако набрзо се договори мир во Украина, како што ветува новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, Русија и пред 2029 година може да ги обнови своите вооружени сили и порано да биде подготвена за судир со НАТО
Варшава, 12 ноември 2024 (МИА) – Началникот на Генералштабот на Војската на Полска, Вјеслав Кукула предупреди дека ако набрзо се договори мир во Украина, како што ветува новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, Русија и пред 2029 година може да ги обнови своите вооружени сили и порано да биде подготвена за судир со НАТО.
- Русија има демографски потенцијал и суровини и што е најважно, воена индустрија што добро функционира не само кога има војна, туку истовремено го развива и одбранбениот потенцијал на земјата. Крајот на конфликтот во Украина во голема мера ќе ја олесни реконструкцијата на Русија и зајакнување на вооружените сили, изјави генерал Кукула за полскиот весник „Жечпосполита“
Тој истакна дека е уверен оти сојузниците нема да ја остават Полска сама да се брани во случај ако биде нападната од Русија или Белорусија.
- Да, сигурен сум. НАТО денеска е целосно поинаква организација од пред 10 години. Сигурно нема сами да се браниме, посочи Кукула.
Тој додаде дека Полска веднаш би им помогнала на балтичките држави ако бидат нападнати од Русија.
- Така функционира НАТО. Безбедноста на Полска почнува во Естонија и другите балтички земји. За кредибилитетот на НАТО, клучна е борбата за секој сантиметар на територијата на сојузот. Исто така, треба да се запомни дека одбраната на балтичките земји не е можна без Полска, бидејќи тоа е единствената копнена врска на тие земји со останатиот сојуз, наведе Кукула. ми/
фото: ЕПА