• понеделник, 23 декември 2024

КСС: Пратениците да ги отфрлат измените на Законот за работни односи

КСС: Пратениците да ги отфрлат измените на Законот за работни односи
Скопје, 20 јули 2021 (МИА) - Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) бара пратениците да не ги поддржат предложените измени на Законот за работни односи за недела неработен ден за кои вчера расправаше собраниската Комисија за труд и социјална политика и истовремено упати реакција зошто не биле поканети на расправата. -Вчера бевме сведоци на комисиска седница на труд и социјална политика каде што во прво читање беа измените на Законот за работните односи за недела да биде неработен ден. Реагираме на тоа што како најголем синдикат во државата не бевме поканети на таа седница, како што било пракса во многу претходни случаи. Остро ја демантираме министерката Шахпаска дека сме се сложиле со ваквата верзија на измените на ЗРО за недела да биде неработен ден. Бараме итна јавна дебата каде што јавно ќе ги искажеме нашите ставови зошто не се сложуваме со ваквиот предлог закон за недела неработен ден, се вели во соопштението од КСС. Од КСС посочуваат дека уште на самиот старт реагирале по однос на ставот 3 дека се прави дискриминација со одредени дејности, кои според природата не можат да прекинат со работниот процес во поглед на другите работници, кои не се набројани во овие дејности. Според КСС, очигледно преку карактер на помошни или придружни дејности и преку последната алинеја од членот 3 каде што стои и други дејности кои не се опфатени со овој став ќе треба да работат исто така во недела. -Со бајпасирање на ЗРО и измена на Законот за трговија се дозволува работниците во трговијата повторно да работат во недела што само по себе кажува дека Владата повторно подлегнува под притисокот на капиталот за сметка на трудот. Се повеќе се гласни работодавачите од градежниот сектор, кои исто така бараат недела да биде работен ден, согласно можноста да работат и други помошни и придружни дејности, стои во соопштението. КСС бара итно од сите пратеници да го отфрлат овој закон и да не дозволат повторно уништување на работничките права. -Од самиот почеток укажуваме дека работната недела која што ја предвидуваат за одредени дејности не може да биде во работното време од 40 часа неделно и треба да се плаќа дополнително, а не само зголемена дневница за 50 отсто. Наместо грижа за работниците кои што ги изгубија своите работни места и оние кои што работеа без пари кај работодавачите кои што добија државна помош за плати, денеска се соочуваме со повторно одземање на едно работничко право, стои во соопштението. мд/лв/

Остани поврзан