Кремљ потврди: Трамп и Путин утре ќе разговараат телефонски
- Кремљ денеска потврди дека рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, утре ќе одржат втор официјален телефонски разговор откако Трамп повторно ја презеде функцијата во Белата куќа во јануари.

Москва, 17 март 2025 (МИА) - Кремљ денеска потврди дека рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, утре ќе одржат втор официјален телефонски разговор откако Трамп повторно ја презеде функцијата во Белата куќа во јануари.
„Разговорот е во подготовка“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на дневниот брифинг за новинари.
Трамп синоќа изјави дека ќе разговара со Путин во рамките на американско-руските напори за прекинување на војната во Украина.
- Веќе се дискутираше за многу работи со двете страни – Украина и Русија. Ќе зборуваме за тоа, за поделба на одредени ресурси, изјави Трамп во претседателскиот авион, алудирајќи на „размена на делови од територии и електрани“.
За време на неодамнешните преговори меѓу украински и американски делегации во Саудиска Арабија, предложен е 30-дневен прекин на огнот. Американскиот пратеник Стив Витков му го пренесе предлогот на Путин.
Ова ќе биде втор телефонски разговор меѓу двајцата лидери оваа година, откако на 12 февруари разговараа за билатералните односи и ситуацијата во Украина.ссм/
фото: архива