• петок, 22 ноември 2024

Коцевски одржа работна средба со раководителите на основните и вишите јавни обвинителства

Коцевски одржа работна средба со раководителите на основните и вишите јавни обвинителства

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) - Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска одржал работна средба со шефовите на сите основни и виши јавни обвинителства, на кои им ги презентирал приоритетите од програмата за својот шестгодишен мандат.

- Со особен акцент на транспарентноста и отчетноста, како основ за јакнење на самостојноста на јавните обвинители во постапувањето и за враќање на довербата во јавното обвинителство, Коцевски побара од обвинителите проактивно презентирање во јавноста на резултатите од работата по конкретни предмети. Во таа насока особено беше истакната улогата на основните јавни обвинителства, соопшти Јавното обвинителство.

На средбата, стои во соопштението, станало збор и за проблемите од финансиски аспект со оглед на фактот дека Јавното обвинителство не располага со целиот буџет и нема функционална независност на финансиските средства, недоволната материјална и кадровска екипираност на јавните обвинителства, но и за соработката со останатите институции. Јавните обвинители биле запознаени и со начинот и динамиката на функционирање на Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности во претстојниот изборен процес. лв/бак/

Фото: Јавно обвинителство 

Остани поврзан