• петок, 22 ноември 2024

„Костал Македонија“ во нова инвестициска фаза вредна 50 милиони евра и нови 250 работни места

„Костал Македонија“ во нова инвестициска фаза вредна 50 милиони евра и нови 250 работни места

Охрид, 13 септември 2023 (МИА) – Филијалата на германскиот концерн за производство на автокомпоненти „Костал“ во земјава влегува во третата инвестициска фаза, што предвидува изградба на капацитети за изработка на специјални автомобилски компоненти, во вредност од околу 50 милиони евра и проектирани до 250 нови вработувања.

Станува збор за воведување нов технички напреден производен процес, со неопходен соодветен високопрофилиран кадар, поточно изработка на специјални компоненти за електрични автомобили.

Инвестицијата предвидува два проекти – капацитет за производство на енергетски модул за полнење електрични возила што ја претвара електричната енергија од неизменична во еднонасочна, инаку технички најсложена и најскапа компонента за автомобили досега произведена во земјава, а другиот проект е изработка на кровни модули што ќе бидат вградувани во сите модели автомобили „Мерцедес“ од наредната година.

Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, појасни дека првиот модул за полнење електрични возила ќе биде вградуван во сите автомобили на групацијата „Волксваген“, компонента што ќе се произведува единствено во производствениот капацитет на „Костал“ во Охрид, додека она што е можеби најважно за деловите за „Мерцедес“ што истите ќе се произведуваат по производна линија целосно дизајнирана и произведена во земјава.

- Станува збор за нови работни места за кои е потребен технички напреден профил на работници, оттаму и потребата за интензивен тренинг и обука на идните вработени. Тие ќе се обучуваат во капацитетите на „Костал“ во Ирска и Кина, а веќе и тука има тимови што ќе обучуваат идни кадри за ангажман во производствениот процес, рече Мизо.

Производствениот капацитет во Охрид за Групацијата „Костал“ е најважна локација во Европа, со најголем потенцијал за натамошен раст и развој. Потврда на тоа е што раководните луѓе на одделите за инжинерство на Групацијата од сите делови на светот деновиве се во Охрид, на средба насочена на размена на најнови искуства, информации и добри практики и можности за нивна имплементација во производствениот капацитет во Охрид.

Бенедикт Конрад, извршниот потпретседател за производно инжинерство во „Костал“, посочи дека „Костал Македонија“ иако најмлад член на Групацијата веќе е важен партнер во компанијата на глобално ниво, како во делот на мехатроника, така и во пауертроника. 

Главниот оперативен директор на компанијата „Костал“, Ханс Јорг Херман, посочи дека глобално автомобилската индустрија се соочувала, се соочува и ќе продолжи да се соочува со предизвици, но „Костал автомобил електрик“ е компанија која партиципира најмногу во светското производство на електрични автомобили.

- Една од најважните инвестиции во елетричната автомобилска индустрија за нас е проектот тука, каде ќе се произведува модулот за електричните модели на Волксваген. Тоа покажува не само колку веруваме во тимот тука, туку и во земјата политички, така што нема причина да не очекуваме дека тоа ќе биде добра инвестиција, рече Херман. аб/цр

фото/МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан