Во Крива Паланка се одржа Првиот меморијален фолклорен концерт во чест на младиот Цветан Ангеловски - Цецко
- Во Крива Паланка со двочасовна фолклорна програма и музика му беше оддадена почит на младиот Цветан Ангеловски -Цецко, играорец, фолкорист и културен деец, чијшто живот згасна прерано во сообраќајна несреќа, на 25-годишна возраст.
Крива Паланка, 17 април 2026 (МИА) - Во Крива Паланка со двочасовна фолклорна програма и музика му беше оддадена почит на младиот Цветан Ангеловски -Цецко, играорец, фолкорист и културен деец, чијшто живот згасна прерано во сообраќајна несреќа, на 25-годишна возраст.
На иницијатива на другарите на Ангеловски, со поддршка од Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата, НУ Центар за култура Крива Паланка и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, вечерва се одржа првиот меморијален фолклорен концерт во негова чест, на кој настапија ансамбли од различна возраст од трите фолклорни друштва од градот, кадешто Цецко го даде најголемиот придонес: КУЗ „Фолклористи", КУЗ „Карпош" и КУД „8 Октомври", а специјален гостин на концертот беше познатиот македонски пејач на народна музика, Круме Спасовски.
Иницијативниот одбор за организација на настанот упати огромна благодарност до семејството Ангеловски кои ја дале својата согласност за организација на еден ваков настан што трајно ќе го одбележи ликот и делото на нивниот син и брат за што од КУЗ „Карпош“ им беше врачено признание за особен придонес во културниот развој и унапредување на фолклорот во Крива Паланка и државата.
Благодарници за поддршка во организација на настанот беа доделени и на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, новинар и филантроп -Жаклина Цветковска, Стефан Петровски, визуелен уметник, како и локалните компании - спонзори. иб/ев/
ФОТО: МИА