Костадинов: Струмица е пред еколошка катастрофа
- Струмица е пред еколошка катастрофа ако во најскоро време не се реши проблемот со водата за пиење, истакна градоначалникот Костадин Костадинов на денешната седница на Советот на Општината, на која се дискутираше за проблемот со снадбување со питка вода на граѓаните која веќе шест денови е забранета за пиење заради присуство на поголемо количество на манган.
Струмица, 3 октомври 2024 (МИА) - Струмица е пред еколошка катастрофа ако во најскоро време не се реши проблемот со водата за пиење, истакна градоначалникот Костадин Костадинов на денешната седница на Советот на Општината, на која се дискутираше за проблемот со снадбување со питка вода на граѓаните која веќе шест денови е забранета за пиење заради присуство на поголемо количество на манган.
Според него, изворот на загадувањето и неможноста да се прочисти водата е во браната „Турија“ од каде доаѓа сурова вода со големо присуство на манган. Тој уште еднаш упати повик до сите надлежни-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, АД „Водостопанство“ и Министерството за екологија и просторно планирање да се седне и да се разговара за решавање на овој проблем.
- Сметам дека не сме доволни свесни каква катастрофа ни се заканува на Струмица. По сите направени проверки во рамки на Филтер станицата, примарниот водовод, со сите процеси на филтрација на водата, оксидација и озонирање, секундарната водоводна мрежа, хлорирањето-нема никаков проблем или дефект. Лабараторијата на „Комуналец“ вчера покажа дека примаме техничка вода од браната „Турија“ со ниво на манган од 1,5 милиграми во еден литар. Од 1974 година, откога постои Филтер станицата, највисокото ниво на манган во водата било 0,25. Со толку високо присуство на манган во водата и да направиме најскапи инвестиции нема да можеме да ја донесеме до степен на вода за пиење, подвлече Костадинов.
На прашањата на советноците за можните решенија одговараше техничкиот директор на „Комуналец“, Стојан Ефтимов, кој истакна дека проблемот не е во комуналното претпријатие и во процесот на обработка на водата.
- Примарен проблем е суровата вода од браната „Турија“. Сега во моментот по сите наши заложби се уште не се прави анализа на водата од оваа акумулација. Сега е потребно тоа да се направи на поголеми длабочини и од повеќе места, да се констатира каква е состојбата на акумулацијата. Таму нема само вода, таму има и геоголија. Тоа се стручни работи кои ние не можеме да ги решиме, туку треба сериозна анализа за да се дојде до вистинската состојба на браната „Турија“. Дури потоа треба да се направи стручна анализа и можеби од неа ќе се открие причината зошто е дојдено до таа состојба, посочи Ефтимов.
Како едно од можните решенија што беше предложено од страна на советникот Ѓорѓи Танушев, е да се направат бушотини до подземните води под Струмица и таа вода да се меша со таа што доаѓа од „Турија“ за да се намали прусуството на манганот.
Инаку, на денешната седница беше донесена одлука граѓаните на Струмица од овој месец да плаќаат само техничка вода во износ од 7,85 денари за еден метар кубен, наместо досегашната цена од 33,9 денари и тоа да важи до повторното обезбедување на вода за пиење. рт/цр
Фото: МИА