• сабота, 21 декември 2024

Костадинов: Немаме добиено одговор дали проектот со којшто аплициравме е одбиен и дали може да аплицираме со други проекти до 15 ноември

Костадинов: Немаме добиено одговор дали проектот со којшто аплициравме е одбиен и дали може да аплицираме со други проекти до 15 ноември

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов вели дека се уште немаат добиено одговор од ресорното Министерство дали проектот со којшто аплицирале за добивање финансиски средства е одбиен и дали до 15 ноември може да аплицираат со други проекти. 

- До денес немаме добиено одговор дали сме одбиени со проектот со којшто аплициравме. Доколку сме одбиени, да ни кажат по кои основи од јавниот повик сме одбиени и дали можеме до 15 ноември да аплицираме со нови проекти затоа што имаме 30-тина готови проекти, но се уште немаме конкретен одговор од страна на надлежните институции, рече Костадинов во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“. 

Во однос на проектот со којшто аплицирале, Костадинов рече дека по укажувањето од ресорното Министерство за локална самоуправа, проектот бил поделен на фази. 

- Аплициравме во ресорното Министерство каде самата апликација е прифатена. Првото прашање е доколку не смеело да се аплицира, тогаш како е прифатена самата апликација. Второто прашање е доколку е увидено дека се работи за проект во тек и имало одлука на Влада дека нема да се инвестира во проекти во тек, зошто веднаш не е запознаена Општината дека треба да аплицира со други проекти во истиот рок. Ние имавме комуникација на ниво на служби со ресорното Министерство. По примањето на апликацијата ни беше укажано дека треба да го поделиме по фази. Го поделиме по фази истиот проект и истата ни беше прифатена, рече Костадинов.

Како причини за најавите за излегување од ЗЕЛС, Костадинов ги наведе незаинтересираноста, политизацијата на сите можни процеси и немањето интерес во самиот ЗЕЛС за отворање на одредени проблематики. - Но, од самиот старт сме кажале дека тоа правно-формално нема да го направиме заради самите системи во ЗЕЛС коишто се и законски врзани со секојдневното функционирање на општината, рече Костадинов, според кого проблемот со водата за пиење бил прелевање на чашата затоа што не можат да стапат во контакт со надлежните институции. 

- Стои мојата подадена рака за седнување на маса, изнаоѓање на причините како е дојдено до проблемот во браната Турија и за заедничко решение, но за тоа е потребна добра волја за партнерски однос од страна на другите надлежни институции. Имаме најава дека состанок ќе се случи, но се уште сме во очекување, рече Костадинов. бак/

Фото: Принтскрин

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан