• сабота, 21 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска - Алблихед: УНЕСКО ги штити светски препознатливите култури на Северна Македонија и Саудиска Арабија

Костадиновска-Стојчевска - Алблихед: УНЕСКО ги штити светски препознатливите култури на Северна Македонија и Саудиска Арабија

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера во Ријад, заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, оставари работна средба со генералниот секретар на Националната комисија за образование, наука и култура на УНЕСКО при Министерството за култура на Кралството Саудиска Арабија, Ахмед Алблихед.

На средбата, како што соопшти Министерството за култура, соговорниците се согласија дека  јадрото на идентитетот на секоја држава е културата која ја обединува нацијата и е наша препознативост во светот.

-Стана збор и за важноста на меѓународниот дијалог, културната дипломатија и посветеноста за зачувувањето на културата и наследството за генерациите што доаѓаат. Беа разгледани можностите за културна размена помеѓу двете држави, како и за соработка и поддршка во заштитата на културното наследство и во рамките на соработката со нашиот заеднички партнер - УНЕСКО. Беше нагласено дека е потребна поголема меѓународна соработка и колективно градење капацитети во заштитата на светското културно наследство, како и посветеност кон „зелената агенда“ за да ја постигнеме нашата заедничка визија за глобален одржлив развој. Исто така, беше констатирано дека од огромна важност е размената на практики за овозможување на балансирано и одржливо управување на туризмот, истовремено и заштита на културното наследство, информира Министерството за култура.

Соговорниците се согласиле и дека двете држави имаат што да понудат, особено во делот на соработката во туризмот, со размена на позитивни практики, а била нагласена и потребата да се разгледа и можноста за отпочнување постапка за потпишување меморандум за културна соработка помеѓу двете држави и промоција на туризмот.

-Костадиновска-Стојчевска, заедно со македонската делегација, упати благодарност за одличната организација на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која се одржува во Ријад, воедно министерката за култура нејзиниот колега го покани да ја посети Северна Македонија и се разбира, нашиот бисер, Охридскиот Регион, се наведува во соопштението. хс/ац/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан