• среда, 03 јули 2024

Косовските лекари ја осудија изјавата на вицепремиерот Бислими дека “и од Германија бегаат лекарите“

Косовските лекари ја осудија изјавата на вицепремиерот Бислими дека “и од Германија бегаат лекарите“

Приштина, 2 април 2022 (МИА)Лекарската комора на Косово ја осуди изјавата на вицепремиерот Бесник Бислими, кој вчера на собраниската Комисија за евроинтеграции го спореди иселувањето на косовските лекари во Германија со заминувањето на германските лекари од таа држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во реакцијата на Комората се оценува дека „да се рече дека косовските лекари се иселуваат во Германија затоа што германските лекари ја напуштаат Германија е негирање на тешката хронична и воедно акутна состојба“ во која работат косовските лекари.

- Лекарската комора на Косово изразува разочарување од изјавите на вицепремиерот Бесник Бислими..., кој ги спореди косовските со германските лекари. Во условите во кои работат косовските лекари, со социјалната несигурност со која се соочуваат секојдневно, со најразлични потешкотии, вклучително и ризиците на работното место, да се рече дека косовските лекари се иселуваат во Германија затоа што германските лекари ја напуштаат Германија е негирање на тешката хронична и воедно акутна состојба, се вели во реакцијата.

Според Комората, во Косово се случува „егзодус на лекарите“, што може да доведе до тоа земјата да се најде во ситуација во која „не ќе може да се исполни ниту потребниот минимален процент на лекари по глава на жител“. иа/ми/

Остани поврзан