Косовската опозиција ја обвинува власта дека го прекршила Уставот со законот за буџетот за 2025 година
- Парламентарните опозициски партии во Косово го критикуваа планот на Владата на Албин Курти за буџетот за следната година, оценувајќи дека со него извршната власт ги прекршила законите и Уставот на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 21 ноември 2024 (МИА) – Парламентарните опозициски партии во Косово го критикуваа планот на Владата на Албин Курти за буџетот за следната година, оценувајќи дека со него извршната власт ги прекршила законите и Уставот на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Неколкумина опозициски пратеници на денешната собраниска седница, на која се расправа за владиниот предлог за буџетот за 2025-та, се повикаа и на ставот на правната канцеларија на Собранието, која, според нив, забележала незаконско влијание на коефициентите на законот за плати во јавниот сектор, како и во спроведувањето на прогресивната стапка на данок на недвижен имот.
Шефот на пратеничката група на најголемата парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, Абелард Тахири побара буџетот воопшто да не се гласа, бидејќи неговото усвојување во ваква форма „значи поддршка на криминални шеми“.
„Бараме овој буџет да не се гласа во второ читање. Изгласувањето на овој предлог-буџет значи поддршка на криминални шеми. Ова е контаминиран буџет, кој поддржува криминални шеми. Потребна е длабока дискусија. Затоа што во прво читање не заневме дека членови на семејствата на пратениците од власта имаат корист од овие криминални шеми. Бараме тоа да не се случи, да ги отстраниме овие криминални шеми. Бараме овој предлог-буџет да се врати назад и да не се забрза“, рече Тахири.
Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши ја обвини власта за три прекршувања на процедурата. Тој побара од претседателката на државата, Вјоса Османи, доколку буџетот за 2025 година се изгласа во второ читање, да го врати во Собранието.
„Со еден закон три пати го прекршивте Уставот, само вие го можете ова. Настана процедурална повреда: нешто што сé уште не беше на дневен ред беше ставено на гласање. Значи, тоа е тешка уставна повреда, бидејќи останаа само два дена пратениците да предложат амандмани. Се прават обиди за измена на Законот за јавните службеници и Законот за данокот на недвижен имот... ова е уставна повреда... Јас предложив два амандмани, но не беа одобрени. Не сакаме да предизвикаме колапс со испраќање на овој буџет до Уставниот суд. Ја повикуваме претседателката да го врати Законот во Собранието и да ги исполни соодветните критериуми. Опасно е да се оди на избори без буџет“, порача Гаши.
Пратеникот на ЛДК, Арменд Земај рече дека владата сака да го прекрши Уставот и порача дека неговата партија „не може да биде дел од тоа“.
„Нема да дозволиме граѓаните во јануари да останат без плати, но вие мора да се повикате на вашата совест. Ова мора да се прекине денеска. Тие што имаат совест денеска мора да кажат не“, рече Земај.
Шефот на пратениците на Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири се пожали дека барањата на општините предводени од оваа партија не биле опфатени во предлог-буџетот.
Владиниот предлог за буџетот за 2025 година начелно беше усвоен од пратениците на 11 ноември. За него гласаа само пратениците на владејачката партија. иа/ссм/