• недела, 21 јули 2024

Косовската министерка за правда не ѝ верува на Србија дека е убиен Фатон Хајризи

Косовската министерка за правда не ѝ верува на Србија дека е убиен Фатон Хајризи

Приштина, 20 јули 2024 (МИА) – Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу изјави дека е неприфатливо да се користи етничката припадност од страна на српската политика во случајот со убиството на српскиот полицаец Никола Красмановиќ, од страна на осомничениот Фатон Хајризи, кој исто така вчера беше убиен од српската полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хаџиу рече дека информациите дадени за Хајризи се контрадикторни и дека не се знае со сигурност дали убиениот е Хајризи и каде се случило убиството.

Таа побара темелна истрага за случајот.

- Етно-политичката употреба на криминалното дело убиство на полицаец во Лозница од страна на Владата на Србија е неприфатливо, намерно и со предумисла. Преку поранешниот портпарол на партијата на (поранешниот претседател на Србија) Слободан Милошевиќ, сега нејзин претседател и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, беше пренесена веста дека бегалецот од затворот во Косово, Фатон Хајризи, осуден за повеќе тешки кривични дела, е убиен. Информациите деновиве беа контрадикторни, па не можеме со сигурност да знаеме дали воопшто е убиен и дали е убиен на територијата на Србија или на Република Српска во Босна и Херцеговина, како и други важни и неопходни детали за истрага. Дефинитивно е потребна широка и длабока истрага за да се расветли вистината на овој случај, рече Хаџиу.

Таа рече дека го осудува убиството на секој службеник на должност и дека тоа е правно казнив чин.

- Чинот на убиство на полицаец и повредување на друг кај Лозница во Србија несомнено се тешки кривични дела против законот и редот на полицајците на службена должност. Убиството на полицајци е, без дискусија, дело за осуда во секоја правна и морална смисла. Најостро осудуваме секое такво дело, рече Хаџиу.

Фатон Хајризи, осомничениот за убиството на српскиот полицаец и ранувањето на неговиот колега во Лозница, Србија, е убиен вчера по околу 40 часа потрага, соопштија српските власти.

Српскиот вицепремиер и министер на полицијата, Ивица Дачиќ објави дека припадници на полицијата го ликвидирале Хајризи во околината на Лозница.

Според информациите кои ги пренесоа српските медиуми, Хајризи се обидел да ја помине реката Дрина и да пребегне во Босна и Херцеговина, но не успеал, па се сокрил во напуштен фабрички комплекс.

Откако МВР на Србија објави фотографија од осомничениот, еден од мештаните од областа Лозница пријавил дека видел лице со таков опис. Припадниците на МВР на Србија пристигнале во голем број, го блокирале целиот простор, а потоа го ликвидирале Хајризи.

Хајризи беше во бегство од 6 јули, кога од слободниот викенд не се врати во затворот Смрековница во Косово. Тоа беше негово деветто бегство од затвор, со што стана рекордер во Косово. На социјалните мрежи тој објасни дека мотивот за неговото бегство било злоставувањето кое го претрпел во затвор.

Фатон Хајризи на јавноста ѝ е познат од 2000 година, кога на само 15-годишна возраст уби руски војник, припадник на КФОР за што беше осуден на 27 години затвор. иа/

Остани поврзан