• среда, 25 декември 2024

Косово и Саудиска Арабија потпишаа договор за соработка во цивилното воздухопловство

Косово и Саудиска Арабија потпишаа договор за соработка во цивилното воздухопловство

Приштина, 29 октомври 2024 (МИА) – Република Косово и Кралството Саудиска Арабија потпишаа договор за директни воздушни услуги меѓу двете земји, со кој се предвидува отворање на комерцијални воздушни линии меѓу нив од следната година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Договорот во Владата на Косово го потпишаа косовскиот министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Либурн Алиу и извршниот потпретседател за воздушен транспорт и меѓународна соработка од Генералното тело за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија, Али Бин Мохамед Раџаб.

Министерот Алиу во своето обраќање рече дека овој договор е од особено значење за цивилното воздухопловство и создава можност за почеток на директни воздушни линии меѓу двете земји.

„Овој договор ќе овозможи голем проток на стоки и луѓе меѓу нашите две земји. Ќе отвори нови можности за нашите авиокомпании, ќе го зајакне туризмот и ќе ги поттикне нашите економии“, нагласи Алиу.

Потпретседателот Раџаб рече дека Саудиска Арабија, која е меѓу првите земји што ја признаа косовската независност, ќе го поддржи Косово во сите аспекти.

Тој рече дека се обидуваат да промовираат сé повеќе културна размена и соработка меѓу двете земји.

„Среќен сум што можам да објавам дека со потпишувањето на овој договор, (компанијата) НАС Ерлајнс (NAS Airlines) ќе започне со директни летови од октомври 2025 година и тие исто така ќе работат напорно за да можат да започнат уште порано“, нагласи Раџаб.

Тој рече дека очекуваат овој договор да донесе повеќе арапски туристи во Косово кои ќе уживаат во убавината на земјата и љубезноста на Косовците, но очекуваат и косовски посетители, особено во Мека и Медина.

Церемонијата на потпишување беше извршена во присуство на високата државна делегација на Кралството Саудиска Арабија предводена од министерот за Аџилак и Умра, Тавфик бин Фавзан Ал-Рабија, заедно со други високи државни претставници на Саудиска Арабија кои допатуваа во Косово со цел „дополнително да ги зајакнат одличните меѓудржавни односи со различни иницијативи и договори во интерес на двете земји“. иа/

Остани поврзан