Комплетно реновирано подрачното училиште во кривопаланечкото село Луле
- Подрачното основно училиште „Св.Јоаким Крчовски" во кривопаланечкото село Луле е комплетно реновирано за првпат по 65 години од изградбата во 1959 година. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и директорот на училиштето Дане Петровски денеска извршија увид на објектот во кој се инвестирани 6.000.000 денари, буџетски средства од училиштето, заштеда од блок дотациите од Министерството за образование и наука.
Крива Паланка, 9 февруари 2024 (МИА) - Подрачното основно училиште „Св.Јоаким Крчовски" во кривопаланечкото село Луле е комплетно реновирано за првпат по 65 години од изградбата во 1959 година. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и директорот на училиштето Дане Петровски денеска извршија увид на објектот во кој се инвестирани 6.000.000 денари, буџетски средства од училиштето, заштеда од блок дотациите од Министерството за образование и наука.
- Секое дете заслужува добри и квалитетни услови за образование. Направивме заштеда од блок-дотациите од Министерството и вложивме во комплетно реновирање на двете училници со нов ентериер и подови, замена на дрвените врати и прозорци и поставување нова ПВЦ-столарија, комплетнa обнова на кровната конструкција, реновирање на ходникот и помошните простории, а бидејќи немаше тоалети во зградата, изградени се внатрешни санитарни јазли со нов довод и одвод. Поставен е нов приклучок за вода на селскиот водовод што е во одржување од страна на ЈП Комуналец, информира директорот Петровски.
Тој додаде дека во рамки на реконструкцијата поставена е и хидрантска мрежа, извршена е и комплетна обнова на електричната инсталација и фасадата на училиштето.
- Во училниците поставени се смарт-табли и воведен е стабилен и брз интернет. Обновени се и пристапните патеки на училиштето, буквално, објектот е променет до непрепознатливост, рече Петровски.
Градоначалникот Митовски итакна дека училиштето доби нов лик благодарениена домаќинското работење на директорот, а грижата за секое дете е секогаш приоритет затоа што секое дете заслужува еднакви услови за образование.
-За иднината на дечињата и младите, работиме неуморно, така и продолжуваме, рече градоначалникот Митовски. ид/дма/
Фото: Општина Крива Паланка