• понеделник, 20 мај 2024

Комплетирани финалните пресметки во Лига Европа и Конференциската лига, Баер испишува историја

Комплетирани финалните пресметки во Лига Европа и Конференциската лига, Баер испишува историја

 

Леверкузен, 10 мај 2024 (МИА) – Баер Леверкузен ја продолжи својата неверојатна серија без пораз откако синоќа одигра 2:2 против Рома во реванш полуфиналниот натпревар од Лигата на Европа и со тоа се пласираше во финалето. Противник на германскиот клуб во битката за трофејот ќе биде Аталанта која со вкупен резултат од 4-1 го елиминираше Олимпик Марсеј.

Клубот од Леверкузен имаше 2:0 од првата средба во Рим, но Рома на реваншот водеше со идентични 2:0 до 82. минута. Сепак, тимот предводен од Чаби Алонсо остана непоразен со автоголот на Манчини (82) и погодокот на Станишиќ (90+7).

Ова беше 49. натпревар по ред сезонава на кој Баер не загуби и еден од многуте на кои се спасуваше во последните моменти од натпреварот.

Избраниците на Чаби Алонсо постигнаа 136 голови на 49 натпревари оваа сезона, ја освоија Бундеслигата, а стигнаа до финалето во Лига Европа и Купот на Германија.

Баер го делат уште само четири натпревари до историска сезона без пораз.

„Среќни сме што стигнавме до финалето. За една недела ќе играме две финалиња. Покажавме карактер по нивниот втор гол, ги погледнав играчите во очи после тоа и видов дека сакаат повеќе. Имаме уште шанса да освоиме три титули и моите момци тоа го заслужуваат“, изјави Чаби Алонсо по натпреварот.

Финалето меѓу Баер и Аталанта ќе се игра во Даблин на 22 мај.

Во финалето на третото по ранг европско клупско натпреварување, Лигата на конференции, ќе играат Олимпијакос и Фиорентина.

Грчкиот клуб со вкупен резултат 6-2 ја елиминираше Астон Вила, додека клубот од Фиренца беше поуспешен во полуфиналната пресметка против Клуб Бриж со вкупни 4-3.

Финалето е на програмата на 29 мај во Атина. ег ФОТО: Икс

Остани поврзан