• недела, 22 декември 2024

Колумбиската герила изврши напад врз воена база, двајца загинати

Колумбиската герила изврши напад врз воена база, двајца загинати

Богота, 18 септември 2024 (МИА) - Во напад на колумбиската герила (ELN) на воена база во источна Колумбија, загинаа двајца војници, а најмалку 21 лице е повредено, соопшти колумбиската армија. Со нападот ги заоструваат тензиите помеѓу колумбиската влада и една од најголемите преостанати бунтовнички групи во земјата.

Армијата го обвини Националното ослободително движење (ELN) за нападот, додека претседателот Густаво Петро навести дека овој инцидент може да доведе до прекин или откажување на мировните преговори со ELN. „Ова е крвав напад кој практично го затвора мировниот процес“, изјави Петро.

ELN го прекина своето примирје со владата во август, но преговорите за мир продолжија со цел да се стави крај на повеќедеценискиот конфликт.

Според војската, ELN користел рачни ракети испукани од камион паркиран во близина на базата во Пуерто Џордан, провинцијата Араука.

ELN е формирана во 1960-тите години од синдикални лидери и студенти инспирирани од Кубанската револуција и брои околу 6.000 борци. Финансирањето доаѓа од трговија со дрога и незаконски рудници за злато. ссм/

фото: архива

Остани поврзан