• недела, 04 јуни 2023

Ковачевски очекува поддршка во Собранието за законите за коридорите 8 и 10д

Ковачевски очекува поддршка во Собранието за законите за коридорите 8 и 10д

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски очекува поддршка во Собранието за усвојување на измените на пакетот закони за доизградба на коридорите 8 и 10д, бидејќи, како што изјави денеска, се работи за важно усогласување на нашата регулатива со цел нивно побрзо, поевтино и поефикасно градење.

- Нашите граѓани заслужуваат патишта по кои ќе возат брзо, сигурно и кои ќе овозможат регионален развој на сите градови на потегот на Коридорот 8 и Коридорот 10д. Коридорот 8 го поврзува Тетово со албанската граница, а Коридорот 10д - Прилеп и Битола, каде на граѓаните им беше ветуван автопат што не беше направен никогаш. Сега во наредните пет години ќе биде изграден, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на пуштањето на обновениот магистрален пат Куманово-Страцин. 

Тој повтори дека Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“  е доставен до Јавното обвинителство и до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и до вработените во Јавното претпријатие за државни патишта, кои се вклучени во овој проект.  Испратено е и писмо до Собранието за презентација на Договорот на соодветна Комисија на барање на пратениците од опозицијата со безбедносен сертификат.

Изјава на премиерот Димитар Ковачевски по увидот во работите на делницата Крупиште – Кочани од новиот експресен пат Штип – Кочани.

- Собранието тоа се уште го нема побарано, а во моментот кога ќе го побараат, тогаш тоа ќе биде направено, рече Ковачевски.

За четири од петте закони што се менуваат за  проектот со којшто ќе се градат четири автопатски делници на пленарна седница е завршена расправата и треба само да се гласа по нив, а денеска се очекува да започне дебата и за измените и дополнувањата на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка.  

Завршена е расправата за измените и дополнувањата на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, на Законот за градење и на Законот за урбанистичко планирање. лв/ам/

Фото: МИА

Остани поврзан