• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски оптимист дека ќе има доволно јаглен, во тек набавка на мазут за рестартирање на ТЕЦ Неготино

Ковачевски оптимист дека ќе има доволно јаглен, во тек набавка на мазут за рестартирање на ТЕЦ Неготино
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) - Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски е оптимист дека ќе имаме доволно јаглен за престојната зима. Во случај на целосен застој, за кој вели дека ниту се случил, ниту ќе се случи, на ископите има јаглен за околу десетина дена. - Нашата обврска е околу 100 илјади тони секогаш да имаме резерви на јаглен. Тоа сликовито значи ако воопшто не се произведува јаглен и ако нема испорака, ќе имаме за 10-тина дена работа, но тоа никогаш не се случило, ниту пак ќе се случи, вели Ковачевски во интервју за телевизија „Телма“. Резервите на јаглен на депониите, како што посочува, се зголемуваат во есенскиот период и во октомври кога ќе почне грејната сезона треба да има меѓу 200 и 250 илјади тони јаглен коишто ќе гарантираат сигурно производство во текот на грејната сезона. Во моментот се набавува и мазут за рестартирање на ТЕЦ Неготино кој, како што најавува Ковачевски, овој викенд треба да почне со работа и да работи во континуитет во наредниот период. Во август, според најавите на првиот човек на ЕСМ, треба да се објави и нов оглас за набавка на околу 180 до 200 илјади тони мазут кои треба да бидат доволни за периодот од ноември до април. бак/ац/

Остани поврзан