Ковачевски на увид на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка: Коридорот 8 го вративме меѓу врвните приоритети
- Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми извршија увид на и
Скопје, 26 јануари 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми извршија увид на изградбата на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка, со вкупна должина од 24,5 километри и вкупна вредност од 62,5 милиони евра, откако со бугарскиот колега Кирил Петков, при неодамнешните средби во Скопје и Софија се обврзаа да ги интензивираат работите за поскора реализација.
- Со колегата Петков многу време посветивме во разговор за важноста од Коридорот 8 и особено на патната инфраструктура, која во голема мера зависи од институциите и изведувачите. Се договоривме заедничката работна група во чија надлежност е патната инфраструктура, високо на својата агенда да го врати Коридорот 8 меѓу врвните приоритети на Европската Унија. На тој начин очекуваме поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура, изјави Ковачевски, оценувајќи дека очекува поголема поддршка за целосна реализација и на патната и на железничката инфраструктура.
Ковачевски, како што стои во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста, изрази охрабрување за силен интензитет на изградба на овој експресен пат, додавајќи дека и премиерот Петков се обврзал добро да провери што се случува со изградбата на патот од бугарската страна кај преминот Клепало кај Берово.
- Република Северна Македонија има стратешка определба за изградба и модернизација на Коридорот 8, како дел од Паневропските коридори што ја поврзуваат оската Исток - Запад и со инвестицијата се овозможува голем економски потенцијал и за овој дел од државата, изјави министерот за транспорт и врски Бочварски.
Тој изрази задоволство од динамиката и реализацијата од над 70 проценти на експресниот пат, каде како што нагласи се дава дополнителен стимул во забрзување на градежните работи.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми споделувајќи пообемни технички информации поврзани со изградбата на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка информира дека претходните проблеми се надминати.
- Идниот експресен пат Ранковце - Крива Паланка ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка, истакна Рустеми, информирајќи дека во тек се градежни активности во зимски услови на втората делница.
Во овој дел од државата, се наведува во соопштението, се отпочнати значајни проекти меѓу кои рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово - Страцин, со вкупна должина од 32 километри и вкупна вредност од 11,9 милиони евра и втората делница, која е веќе во завршна фаза и се очекува во скоро време да заврши.
Во изработка е проектната програма за проектирање на нов експресен пат Романовце - Страцин, кој што е планиран да се финансира од ИПА 3 инструментот и со сите овие рехабилитации, санации и изградби во регионот целта е да се добие комплетен Коридор 8, кој како главна артерија ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија, се додава во соопштението. цр/сп/