• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Медиумите се наш партнер во градење европско, слободно и демократско општество

Ковачевски: Медиумите се наш партнер во градење европско, слободно и демократско општество

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Заложбата на Владата за креирање амбиент во државата во кој медиумите ќе ја вршат својата работа професионално и независно согласно принципите на новинарството, ослободени од политички и економски влијанија и притисоци, беше истакната на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со претставници на Здружението на новинари на Македонија и со претставници на меѓународни новинарски организации.

Премиерот Ковачевски ја потенцираше улогата на медиумските здруженија, во кои Владата гледа партнери кон натамошно унапредување на медиумските слободи, како со донесениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета со којшто се гарантира слободата на изразување и со измените на Кривичниот законик, со коишто нападот врз медиумските работници се третира како напад врз службено лице.

На средбата, информираат од владината прес-служба, беше истакнато дека Владата има подготвеност да се отвори јавна дебата со која ќе се овозможи разгледување на модалитетите со кои ќе се даде поддршка на плурализмот во медиумите во земајва.

Премиерот Ковачевски посочи дека последните релевантни извештаи нотираат дека транспарентноста на институциите се унапредува, а се намалува бројот на случаи на закани и напади врз новинарите и медиумските работници.

-Напредокот на државата во слобода на медиумите беше забележан и во мерењата на „Репортери без граници“, каде Северна Македонија, од 118-то место во светот во 2016 година, стигна на 38-то место во светот по слободата не медиумите. Државата само во мандатот на премиерот Ковачевски, се искачи погоре на листата за 19 места за 1 година. Во 2016 година, државата беше на 118 место, од 180 држави. Ова е показател дека Владата има демократски и европски определби, а тоа го покажува со почитување на слободата на говор, транспарентност преку овозможување пристап до информации и почитување на независноста на медиумите, велат од Владата.

Медиумите и граѓанскиот сектор, додаваат, имаат значајна улога во развојот на демократијата, а слободата на медиумите е клучна за безбедноста и стабилноста во секоја држава. Во таа насока од големо значење е објективното и професионалното новинарство, како и квалитетен и професионален јавен сервис, со цел точни, непристрасни и навремени информации од значење за граѓаните, особено во делот на процесот на евроинтеграциите на државата.

-Владата е цврсто определена кон почитување и примена на европските стандарди во медиумската област, бидејќи тоа значи квалитетно информирани и медиумски писмени граѓани, што е крајна цел и на медиумите и на Владата, порачуваат од владината прес-служба. вј/аа/

Фото: Влада

 

Остани поврзан