• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски и Шаќири: ФИНКИ е бренд во државата, ќе продолжи поддршката на информатичкиот сектор

Ковачевски и Шаќири: ФИНКИ е бренд во државата, ќе продолжи поддршката на информатичкиот сектор
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Постојан раст на бројот на компании и вработени и раст на извозот и на приходите има во секторот информатичка и компјутерска технологија во последните години во нашата земја. Владата е насочена кон натамошно подобрување на условите и носење конкретни мерки за работа и раст на оваа индустрија, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска на свеченото доделување дипломи на околу 600 студенти кои ги завршија студиите од прв и втор циклус  во изминатите три години на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
За ФИНКИ рече дека во 11-те години постоење бележи  растечки тренд и интерес за упис на нови студенти и дека со тоа  ја  потврдува својата атрактивност. Овој факултет креира професија на сегашноста и на иднината и високостручните дипломци и магистри на ФИНКИ, рече премиерот, се драгоцен човечки потенцијал за нашето општество и за информатичката индустрија дома и во странство.
-Тоа се должи и на фактот што ФИНКИ ја прифати и сесрдно ја поддржа Националната стратегија за интензивирање на студиите по технички науки во насока на задоволување на потребите на економијата базирана на знаење и потребата на растечката информатичка и компјутерска индустрија која е двигател на растот на економијата, рече Ковачевски кој им врачи дипломи на дел од студентите што  постигнале највисок просек во текот на студирањето, во присуство на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, деканот на ФИНКИ Иван Чорбев, раководството на факултетот, професори и асистенти.
Ги пофали професорите на овој факултет, благодарејќи на кои годинава запишувањето во средните училишта е целосно дигитализирано и над 97 проценти од идните средношколци се запишале преку платформата обезбедена токму од кадарот на ФИНКИ. Новина идната година е и надградениот софтвер, со кој управуваат наставниците од средно образование преку кој интерактивно комуницираат со родителите на учениците.
Подвлече дека  Владата е отворена за практична примена на знаењата на експертите од оваа област и упати покана за вклучување во претстојниот Хакатон со идејно решение за апликација за актуелните активности за измените на тарифните модели за електрична енергија преку која граѓаните ќе имаат увид за трошење на електричната енергија, со што ќе им се помогне за рационално трошење и штедење.
Вработените од неговиот Кабинет, рече Ковачевски, се отворени за контакт и соработка со факултетот за сите прашања околу апликацијата.
Премиерот истакна дека поддршката на информатичкиот сектор ќе продолжи со дополнителни владини мерки како дополнителен стимул за младите уште повеќе да се насочат кон оваа индустрија, која од ден во ден отвора сѐ повеќе работни места. Посочи дека  ја користи секоја прилика да ги мотивира инвеститорите да го искористат потенцијалот на земјата во информатичката технологија, како составен дел од развојот на зелената економија, дигитализацијата, иновациите и новите технологии, човечкиот капитал и развојот на инфраструктурата.-Затоа, преку Фондот за иновации и технолошки развој Владата поддржа над 780 проекти со инвестиција од околу 87 милиони евра. Од овие 780 проекти, 392 се стартап-компании претежно основани од млади луѓе кои со својата иновативност и креативност ги надминуваат предизвиците од минатото и сегашноста се создаваат промени за подобро утре, рече Ковачевски.
Министерот Јетон Шаќири истакна дека ФИНКИ е  бренд во државата и е сигурен дека и понатаму ќе остане препознатлив по квалитетот на знаењето кое им го нуди на младите и ќе биде избор на идните генерации студенти. На раководството и на сите вработени им честиташе за доброто менаџирање на наставната и научно-истражувачката дејност и за сите досега создадени генерации на информатичари, програмери, графички дизајнери...
-ФИНКИ е клучен партнер на Министерството за образование и наука во процесот на дигитализација на образованието и сигурен сум дека активностите во тој дел ќе ги продолжиме со уште поинтензивно темпо во периодот што следува. Тоа ни го наметнуваат глобалните образовни трендови и текови, а добра поука извлековме и од пандемијата, која ни наложи да обезбедиме поголема флексибилност и адаптибилност на образовниот систем кој се покажа дека не е отпорен на такви неочекувани промени, но, за среќа, брзо го прилагодивме на новите вонредни околности, што секако, без поддршката од овој факултет немаше да се случи, нагласи министерот за образование. Во врска со изградбата на новиот објект на ФИНКИ, Шаќири рече дека процесот е почнат, но  запрен на околу 30 проценти реализација  поради, како што рече, „низа непредвидливи работи“ и најновата  економската криза. Како министер, рече, ќе се заложи максимално објектот да се изгради. И премиерот Ковачевски рече дека  Владата ја препознава важноста на условите за работа и учење на студентите и, рече, ќе се заложи за доизградбата на зградата на ФИНКИ. хс/дма/

Остани поврзан