• сабота, 18 мај 2024

Ковачевски: Грижата за лицата со попреченост ќе ни биде врвен приоритет и во наредните четири години

Ковачевски: Грижата за лицата со попреченост ќе ни биде врвен приоритет и во наредните четири години

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - За ефектите од досегашните мерки и за идните мерки на Владата за луѓето со попреченост разговарал денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на средба со претставници на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ) со цел, како што рече, да ги слушне нивните барања и предлози за да им се подобри и олесни животот на овие лица.

Ковачевски изјави дека на владите предводени од СДСМ секогаш им била високо на листата на приоритети грижата за луѓето со попреченост како ранлива категорија граѓани во државава.

-Во изминатите седум години креиравме низа мерки за подобрување на состојбата на лицата со попреченост и остварување на нивните права во сите сфери на општеството...Нашата грижа продолжува и со мерки од новата програма на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во која покрај зголемените износи на парични права, ќе продолжиме да работиме и на развој на социјални услуги  кои ќе овозможат целосна инклузија на лицата, започнувајќи од образовниот процес, истакна Ковачевски кој, покрај досегашните мерки, соопшти и дел од новите мерки предводени со четиригодишната програма. 

Соопшти дека ќе овозможат континуирана поддршка на ученици со попреченост во основно и во средно образование, како доволен број стручен кадар за нивна помош и поддршка, потсетувајќи дека сега се ангажирани 720 образовни асистенти низ државата.

-За 30 проценти ќе се зголемат правата од социјална и детска заштита, за 35 проценти ќе се зголеми финансиската поддршка на националните и инвалидските организации до 2028 година. Ќе формираме осум нови регионални рехабилитациски центри за деца и лица со аутизам, интелектуална попреченост и слични развојни нарушувања, рече Ковачевски. 

Врвен приоритет, како што рече, ќе остане економското зајакнување на лицата со попреченост и активирањето на пазарот на труд. Соопшти дека досега се вработени 13 442 лица со попреченост во јавен и во државен  сектор и 387 регистрирани трговци поединци.

-Сигурен сум дека бројот на веќе вработените ќе продолжи да расте. Планираме и нов закон за социјално претприемништво кој ќе овозможи поддршка за развој на социјални претпријатија, кои ангажираат лица со попреченост. Ќе се направи ослободување од царински давачки за суплементи кои се користат за лица со попреченост и лица со ретки болести, додаде претседателот на СДСМ.

Драган Дојчиновски, раководител на стручна служба во Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, се заблагодари за посетата на Ковачевски.

-Се надеваме дека соработката ќе продолжи понатаму. Наша заложба е која било влада да ја води државата да се ангажира што повеќе за лицата со инвалидност. Ништо не бараме освен да се спроведе Конвенцијата на правата на лицата со инвалидност која е донесена и ратификувана во државата во 2011 година без ниеден глас против, изјави Дојчиновски. хс/ац/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан