• петок, 17 мај 2024

Ковачевски во Солун на Самитот на шефови на држави и влади на земјите - членки на процесот за соработка на Југоисточна Европа

Ковачевски во Солун на Самитот на шефови на држави и влади на земјите - членки на процесот за соработка на Југоисточна Европа
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министер за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денеска во Солун ќе учествуваат на Самитот на шефови на држави и влади на земјите-членки на процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Ковачевски ќе има свое обраќање на Самитот, заедно со колегите од Југоисточна Европа, членови на процесот. Самитот со кој ќе претседава грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, предвидено е да започне во 17:40 часот.
На Самитот, посочуваат од Владата, предвидено е да се дискутира и за Декларација во чиј фокус е енергетската стабилност, безбедноста, поврзување за економски развој како и спроведување на зелената агенда.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека на Самитот поканети се и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат во улога на набљудувачи. -Премиерот Кирјакос Мицотакис, кој ќе претседава со Самитот, ќе биде домаќин на шефовите на држави и влади во Солун за да разговараат за иднината на регионот во критичен момент што повеќе од кога било ја нагласува важноста на зајакнувањето на добрососедските односи, но и подготовката на земјите оф нашиот регион за нивна интеграција во евроатлантските институции, рече Иконому. Додаде дека освен Грција на Самитот учествуваат Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали се планирани билатерални средби на грчкиот премиер со негови колеги од балканските земји, Иконому рече дека дополнително ќе биде објавена програмата, но веројатно Мицотакис ќе се сретне само со премиерката на Молдавија, бидејќи „агендата на Самитот е густа и богата“. Пред Самитот на високо ниво, ќе се одржи и состанок на шефовите на дипломатиите од земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а за таа цел, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во изминатиот период ги посети земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. На маргините на состанокот, како што соопштија од МНР, министерот Османи ќе оствари бројни билатерални средби со негови колеги од земјите во регионот, додека пак самиот Османи во интервју синоќа рече дека очекува денеска во Солун да се види со шефицата на бугарската дипломатија.бк/

Остани поврзан