• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски станаа симбол за откажување, нема да победат на изборите

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски станаа симбол за откажување, нема да победат на изборите

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори упати пораки до опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека, како што рече, со лажни вести, со фингирање анкети, со злоупотреба на институции, со празни зборови и со ширење страв, ниту се победува на избори, ниту се гради држава.

- Сега повторно слушаме како ВМРО-ДПМНЕ сее страв дека со членството во Европската Унија ќе сме ја изгубеле државата. Ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во Европската Унија. Тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои никаде, освен во нивните глави. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски, 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Мицкоски гордо чекори по стапките на неговиот идол со адреса на живеење во Будимпешта. Исто како и Груевски, спремен е Македонија уште 100 години да не влезе во Европската Унија, рече Ковачевски на настанот „Нема откажување од иднинатата“ во Скопје.

Тоа, истакна, не само што е штетно, туку е и опасно за иднината на нашата држава и на нашите деца.

- Јас знам дека патот до Европската Унија е сѐ уште тежок. Свесен сум дека пред нас има многу пречки. Но, во исто време немам дилема дека Европската Унија е единствениот начин да се сменат работите на подобро, посочи Ковачевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски станале симбол за откажување.

- Пред локалните избори, ветуваа чуда во Скопје. Се расфрлаа со еко-автобуси, нови паркови, почист воздух, модерна инфраструктура. И што од тоа имаме денес? Скопје никогаш не било повалкано, граѓаните секој ден стравуваат дали ќе има или ќе нема автобуси, а булеварите се во очајна состојба. Но, ВМРО како ВМРО, Никола како Никола, Христијан како Никола и Христијан како Христијан. Не преземаат одговорност. Велат, тоа не е наша вина и креваат раменици. Така креваа раменици за НАТО, така креваа раменици и за преговарачката рамка за Европската Унија, така ќе креваат раменици за сѐ она што го ветуваат денес во нивната програма пред граѓаните. Меѓутоа, тие лажни ветувања... овој пат нема да имаат можност да креваат раменици бидејќи нема да победат на изборите, наведе Ковачевски.

Тој додаде дека „со лажни вести, со фингирање анкети, со злоупотреба на институции, со празни зборови и со ширење страв, ниту се победува на избори, ниту се гради држава“.

- Слушај само што зборува и нивниот лидер и другите околу него. „Дајте ми доверба, па потоа ќе ви кажам што ќе направам“, вели, „може ќе ја менуваме програмата, имаме план, немаме план, ама ако имаме план, ќе ви го кажеме по избори“. Затоа сакам да им порачам, манипулации со зборење едно зад врата, а друго на улица, не се води држава. Со едни ветувања пред странците, а со други пред граѓаните, не се станува одговорен и чесен политичар. Доверба на вересија не се добива. Држава на одложено не се води, истакна Ковачевски и дополни дека „се радува што се различни од нив“.

 Ние, посочи, јасно и гласно, колку и да е тешко и напорно, работите ги кажуваме отворено и јавно.

На 8 мај, наведе Ковачевски, изборот нема да биде само помеѓу политички партии и кандидатски листи. - Изборот на 8 мај е многу посуштински за сите нас како граѓани на оваа држава. Со заокружување на бројот на гласачкото ливче одлучуваме помеѓу надеж и просперитетна иднина со СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ и безнадежност и враќање 10 години назад со ВМРО-ДПМНЕ. И затоа ве повикувам на 8 мај да го заокружите бројот 1 и да гласате за СДСМ и коалицијата „За европска иднина“, рече Ковачевски. бд/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан