• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Вложуваме во современа патна инфраструктура за севкупен економски развој

Ковачевски: Вложуваме во современа патна инфраструктура за севкупен економски развој
Скопје, 26 ноември 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавно претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска извршија увид на делницата Крупиште - Кочани, што претставува втора фаза од изградбата на новиот експресен пат Штип - Кочани. Премиерот Ковачевски истакна дека градежните работи се одвиваат со задоволителна динамика за овој период од годината, и до овој момент имаме 96 проценти реализација. -Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што ќе се забрза и олесни патувањето за граѓаните од овој крај, ќе се намалат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. Изградбата на современа патна инфраструктура во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада. Како и во изминатите години. И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско - енергетска криза интензивно се работеше на изградбата и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Темпото и динамиката продолжуваат и понатаму, изјави Ковачевски. Додаде дека во источниот дел на државата резултатите од работата биле особено видливи. -Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион. Модерната патна инфраструктура е важна и за граѓаните и за компаниите но и за новите инвеститори. Новите инвестиции значат и нови, подобро платени работни места, а за тоа да се случи, квалитетните патишта се еден од предусловите. Затоа и изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени. Изминативе пет години, Владата изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десет годишен период, кога биле направени само околу 650 километри, рече Ковачевски.Министерот Бочварски оцени дека со изградбата на експресниот пат до Кочани се подигнува животниот стандард на преку 170 илјади жители од Источниот регион, бидејќи како што рече се создаваат поволни услови за развој и регионално поврзување.-Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени заради забрзан економски развој на целата држава, во услови кога светот е во огромна економска криза. Но и во такви услови успеавме силно да ги движиме капиталните проекти и да обезбедиме континуитет, истакна Бочварски.Директорот на ЈПДП, Рустеми истакна дека експресниот пат е со висок квалитет на градба. -Ширина на патот е 11,4 метри, ќе има четири ленти, и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Изведувач на градежните работи е „Синохидро“ од Република Кина, а надзор е „Патинвест инженеринг“ АД Софија Република Бугарија. Во моментот се поставува сигнализација, осветлување на клучките, еластична одбојна ограда и се асфалтираат последните 700 метри, рече Рустеми.свс/дма/

  https://www.youtube.com/watch?v=cujCKOnFOSU https://www.youtube.com/watch?v=KqwUOvIjFoc

Остани поврзан