• сабота, 29 јуни 2024

Кина се закани со смртна казна за најекстремните заговорници за независност на Тајван

Кина се закани со смртна казна за најекстремните заговорници за независност на Тајван

Пекинг, 21 јуни 2024 (МИА) - Кина денеска се закани дека ќе воведе смртна казна за најекстремните сепаратисти кои заговараат независност на Тајван.

Според светските агенции, оваа закана е објавена иако кинеските судови немаат јурисдикција над островот.

Пекинг соопшти дека претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, кој ја презеде функцијата минатиот месец, е „сепаратист“, а веднаш по неговата инаугурација, кинеските власти извршија воени вежби.

Според новите упатства, кинеските судови, обвинителства и безбедносните институции треба „жестоко да ги казнат тајванските сепаратисти за поттикнување отцепување, како и одлучно да го бранат националниот суверенитет, единство и територијален интегритет“, објави кинеската државна новинска агенција.

Советот за национални прашања на Тајван денеска го осуди потегот на Пекинг и го повика населението да не се плаши од заканите на Кина.

„Кинеските власти немаат апсолутно никаква јурисдикција над Тајван, а таканаречените закони и норми на кинеските комунисти немаат обврзувачка сила за нашите граѓани“, се вели во соопштението на Советот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан